-Доживеав неуспех!
-Па што? Голема работа! Не си прв, ниту ќе бидеш последен…Прв ти е?
-Не ми е прв, ама ми е еден од големите. Може најголем.
-Сигурно нема да ти биде последен. Зошто може најголем? Уште не согледа колку се другите големи?
-Затоа што не ги согледував според големината, а според последиците. Од овој тие и уште траат и растат и се множат.
-Е, тоа мора да го пресечеш. Не смееш да чекаш да завршат сами по себе. Ќе се прелеат во следниот…Угледај се на мене. Кога јас доживувам неуспех или веднаш продолжувам оставајќи го зад себе или, пак, не дозволувам да ме надвладеат последиците. Нив ги сосекувам во корен.
-Блазе си ти кога можеш така. Имаш искуство, а тоа е драгоцено. Особено кога е збор за неуспесите во животот.
-Не ми кажа каква неуспех доживеа. Не е за кажување?
-Нема зошто да не е. Напротив, добро е неуспехот да се каже, да се обзнани, пред сè како поука за други…Доживеав неуспех во политиката…Зошто се насмеа? Смешно ти е?
-Немој да ми кажеш дека ти е прв или последен. Не може да биде сè додека си во неа…Неуспесите во политиката отсекогаш ми биле смешни. Сеедно дали биле или се големи или мали. Всушност, во неа нема неуспеси.
-Како тоа нема?! Објасни ми те молам.
-Во политиката не е успех или неуспех, туку победа или пораз во борба за власт. Може политичар нив лично да ги смета за успех или неуспех, но со оглед на целта на таа борба се докажува дали го бидува или не. А целта е една и единствена: добивање или губење на довербата на гласачите, граѓаните, на народот на избори. Тоа ти како политичар би требало да го знаеш. Си го искусил.
-Што е со големината на неуспехот, според тебе поразот?
-Тој се мери според нивото на власта за која се претендира, односно за која се бара довербата. Најголемиот се однесува на врвот на хиерархиското скалило. Неуспех е доколку долго не се напредува на него…Успехот да се стои во место во политиката е всушност неуспех. И притоа не станува збор за добивање или губење доверба, туку за манипулација, шпекулација, нечиста политичка игра.
-Досега не ми паднало на ум да те прашам зошто ти одбиваш да станеш политичар. Нема кој не те знае како авторитетна, почитувана личност. Дури сакана од народот.
-Па да доживувам успеси и неуспеси? Тоа не ми треба. Јас сум творец. Знаеш дека не творецот, а неговите дела се успешни или неуспешни. Тие се целосно зависни од него. Следствено, и успехот и неуспехот му се само поттик да продолжи да твори…Искрено жалам што си доживеал неуспех. Размисли дали не ти е дојдено времето да се повлечеш, да излезеш од политиката.
МОЛКНАТИ ДИЈАЛОЗИ, раскази/ескизи, 17