Потребно време за читање: 3 минути

И тоа мораше да се случи. Не претпоставував, туку точно знаев дека мораше, порано или подоцна. Колку што ја познавав, а колку за во минато време ја познавав мошне добро, ништо друго и не можев да очекувам од неа. Еее, Марија Имотска, со ништо не можеш да ме изненадиш.

Опколена со настани што допрва треба да ги надвладее, па да ги движи, па да ги реди. Ја редат и тие неа.

И така, мораше да се случи. Ти најдобро знаеш зошто, Марија Имотска. Не, не ти префрлувам. Сеедно ми е.

Го запозна во една улица. Стоеше пред излог со играчки и ја гледаше внимателно. Ја мереше од глава до пети. Не го симнуваше погледот од нејзиното лице, од нејзините гради, од нејзините долги нозе.

Ѝ беше непријатно кога си ги сретнаа погледите. Се догледаа, внимателно, освојувачки. Се помисли како гола пред него, па како да ја налегнува, па како да ја бакнува. Ѝ ја лигави кожата, ја каса, ѝ ги меси дојките, ѝ ги шири нозете. Просто ја гори. Просто ќе ја изгори! Сакаше да избега што подалеку од него, но како да не сакаше ни чекор да направи.

Се познаваме, нели?, ја праша и не ја почека ни да помисли. Ја фати за рака, заедно ја минаа улицата и влегоа во една куќа; трошна, истрошена, со извалкана фасада, напукната на сите страни. Влегоа внатре, во една црвена соба. Светеше црвено, баш да те опијани. Собата полна со млади. Сигурно негово друштво, пријателки и пријатели, генерација. И сите беа полуголи или угул голи. Меѓу нив се провлекуваше музика и тивок шепот.

Прочитај и за ... >>  МАРИЈА И ЈАСЕН, роман

Ѝ дојде непријатно кога ја виде неа свиткана во половината, со главата удолу, сета покриена од долгата коса, и него одзади; во ист, па забрзан ритам во неа, сè повеќе го губи здивот. И таа својот, исто. Како да се сами. Ѝ дојде непријатно и сакаше да излезе, да избега од таа соба, од трошната, истрошената куќа со извалкана фасада. Но тој само ја погледна, ѝ се насмевн и не рече ништо. Како се викаше?

Зарем е важно? Позната личност од естрадата.

В ред, не е важно.

Ги примија студено, рамнодушно, како да се одамна дел од нив. Една гола со големи гради ѝ пријде, ја прегрна и ја бакна. Тој ја турна и ѝ рече не е за тебе. Воздухот мирисаше и занесуваше, ѝ дојде благ во ноздрите. Некој дим што ти ги шири зениците и ти ги вкочанува.

Стоеја сами на средината од собата. Сите други полегнати, некои заспани, некои потпрени на ѕидовите си ги нишаат главите како да им се насадени на федери. Вратовите како да им се федери, како да им се од гума. Федери или од гума, сеедно. Исто. Повеќето пушеа со затворени очи, чиниш сонуваат.

Прочитај и за ... >>  Целта е сè уште далеку.

Не плаши се. Убава си, ѝ рече и ја прегрна.

Играа долго. Почна да ја прибира во себе. Ја стегаше, ѝги плеткаше рацете, ѝ го откриваше телото, ја разголуваше. Признава дека ѝ беше убаво, ѝ беше пријатно. Наеднаш се виде гола, легната до другите, и тој до неа. Ѝ подаваше цигара.

Додека ѝ натежнуваше со снагата се прашуваше дали е случајна или не лузната под носот што му ја искривуваше устата во долга насмевка. Не беше како нејзината. Како да му беше од раѓање. Како некој знак.

В ред, ти давам збор Марија Имотска. Раскажувај.

Откако умре татко му, почна да ме одбегнува. Имаше високо чело и модри очи. Не ме сакаше многу. Му бев туѓа. Откако му умре, не сакаше да доаѓа почесто, а кога доаѓаше како да доаѓаше по навик. Не од потреба да ме види. Ни да ме допре.

Почнуваш да ми раскажуваш иако знам сè однапред. Од збор до збор.

Прочитај и за ... >>  Зарем не забележуваш, Марија Имотска, дека полека заземаш подредена позиција? Се лажеш, Јасене Виорски!

Велеше: таа куќа носи смрт, но тој не беше за умирање. Знаеше да пушти и солза кога ќе го речеше тоа.

Па…одев сама…И така еднаш, не знам како ми дојде. И сега не знам зошто. Можеби зашто и јас го чувствував нејзиното присуство, нејзиното дишење меѓу ѕидовите. Еднаш го видовме човекот во црно како да ја демне смртта. Се вртеше околу куќата, ја загледуваше.

И така, решив да легнам со него. Му се подадов онака, без чувство. Се помислив дека сум најмладата невеста од песната за мостот што го граделе девет мајстори, а да не падне ја вѕидале и неа…

И така, легнав со него. Му се подадов на ѕидарот. Сигурно помисли курва. Па што дека помисли? Беше изненаден, ама силен. Мажиште. Полн. И да знаеш, намерно му легнав пред сите. Нека паметат!

Немав страв. Зошто страв?! Не можеа да ми се изредат и другите. Тогаш имав строго лице и долга црна коса. Отпосле ми обеле, со време.

Запомни што ќе ти речам сега, Марија Имотска:

Долго верував дека сепак тоа бев јас. И сè уште мислам дека измеша две времиња. Едно сегашно и едно минато. Како настан, а не како сон.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here