Неправда

Потребно време за читање: 3 минути

Никогаш не ги броел, ниту ги мерел неправдите кои му ги нанесувал не животот, туку директно или индиректно му ги нанесувале лицемерни, лукави, подмолни, злосни луѓе. Не животот затоа што смета дека тој бил и е негов онолку колку што го бранел од нив бранејќи се себеси, но и онолку колку што од него споделувал со други.

Од сите неправди што не ги заборава оти оставиле длабоки траги врз неговата психофизичка стабилност, а поготово врз самодовербата, изделува една која ја смета за пресудна во неговото посветување на живата мисла воопшто и на втемелувањето на својата како таква: ненадејното заминување, незнајно каде на неговата единствена голема љубов Божана. Со која проживеа убави, среќни, радосни и спокојни цели осум години. Зошто и како пресудна неправда? Он најчесто одговара затоа што заминала ненадејно засекогаш, и тоа без никакви најави или насетувања. За него тоа е неправда бидејќи не заслужил. Дотолку повеќе што баш како единствена голема љубов верувал дека е толку длабока и споделувачка, па никако ни краткотрајно не може да се случи. Пресудна неправда е пред сè друго затоа што неговата искреност спрема неа била и е суштествена.

Што се случило конкретно? Не може да објасни зашто не може да си објасни.

Конкретно, неговата единствена голема љубов Божана му нанела голема, најголема неправда во досегашниот живот со тоа што меѓу него и неа во сите цели осум заеднички години немало ништо скришно, сомнително, изневерувачко. Дури ни за него ни за неа не претставувало никаков товар, особено како неправедност тоа што брзо се открило дека не можат да имаат потомство. Нивната единствена, длабока и споделувачка љубов ни тоа не можело да ја разниша.

Било ведро утро. Се разбудиле рано ведри, станале, он заминал на работа, она останала дома да работи од дома. Кога он се вратил во доцен попладневен час, вратата на нивното живеалиште, двособен стан во елитна населба во градот, ја нашол заклучана. Тоа било невообичаено, изненадувачко и првично сомнително. Отклучил со свој резервен клуч. Ја нашол дневната соба без Божана, потоа спалната без неа, па бањата без неа, па терасата без неа. Побарал некаква писмена или знаковна порака. Ни трага од неговата Божана!

Прочитај и за ... >>  Време и невреме

Седнал беспомошен во фотелјата во дневната, загрижен и прилично исплашен. Решил да чека. Што? Што друго освен да му заѕвони мобилниот и да му се јави од негде. На пример од прошетка во паркот, дека е со некоја пријателка или пријател, можеби од некој маркет, во некој мол, во теретана…

Му поминале неколку часа во чекање и исчекување. Веќе се подготвувал да пријави исчезнување на неговата Божана во полиција кога некој поѕвонил кратко на вратата. Некое непознато момче. Крупно, високо, спортски развиено, во тренерки. Му рекло со рамнодушна насмевка подавајќи му мал бел коверт:

„Пред малку ме замоли една непозната госпоѓа да ви го предадам ова“.

Зачуден го зел, му заблагодарил, се вратил со ковертот во дневната и го отворил. Во него наполу свиткано ливче со испишана кратка порака:

„Не барај ме. Нема да ме најдеш. За нашата љубов е најдобро да ме нема. Не прашувај зошто“.

Некои од оние што го слушаат одвреме-навреме и не многу внимателно го прашуваат зошто ненадејното заминување на неговата Божана, кое многу наликува на денес сè почестите мигновени исчезнувања на блиски и далечни, за него е и пресудна неправда. Он најчесто одговара затоа што заминала ненадејно засекогаш, значи без никакви најави или насетувања, но пред сè друго дека мошне вешто ја криела во себе неискреноста спрема неговата единствена голема љубов. Што значи дека за неа таа не била единствена и голема, па траела колку што траела. Некои не му веруваат и тврдат дека вистинската причина за нејзиното заминување е некоја неизлечива болест. Со што таа го ослободила од заедничка болка и страдање. Нему тоа му е апсурдно и неприфатливо.

Прочитај и за ... >>  Глад

Во „Жива мисла “ за неправдата:

Нема неправда за неправедни. За нив правда која им стига кога-тогаш.

Кај што владее неправда, таму владеат лицемерие и лага.

По една сторена неправда демнат други.

Се опира на неправда секој што не губи надеж во правда.

Многу е важно неправдата да се осуди брзо, ако не била совреме докажана. Неосудената брзо ликува.

Се потсмеваш ли на неправда, таа продолжува да се продлабочува.

Неправдите и правата секогаш не одат заедно. Често неправдите одат понапред од правата и стигнуваат пред нив за да ги оневозможат.

Те тишти некоја неправда? Побрзај да ја обелодениш, па некој секако ќе ти помогне да ја надминеш.

Полесно е некому да му направиш неправда, одошто да го одбраниш од неа.

Трпиш неправда? Зошто?!

Непреболна е неправдата причинета на длабока, чиста, искрена и доблесна љубов.

Исти се причинувањето и поднесувањето неправда од злоба? Иста е злобата.

Стори големо зло сторувајќи неправда. Сеедно мала или голема.

Поднесуваш неправда и страдаш, а не се ни обидуваш да ја оттргнеш од себеси.

Не забораваш неправда и таа не заборава на тебе.

Причинета неправда остава и видливи и невидливи траги во животот.

Кој трпи неправда, не ја прави другему.

Богатството на еден човек во најголема мера е стекнато со неправди спрема многу.

Подреденоста најчесто причинува неправди спрема подредените.

Не трпи и не прави неправди, па ќе те научат како праведник.

Трагично е кога има неправди на секој чекор, а правдата доцни.

ЖИВА МИСЛА, мислечко-поетичен роман, 34