Авторот на „Цвеќиња на злото“, најславната стихозбирка во историјата на француската книжевност, во периодот на непорекливата слава постојано влегувал од скандал во скандал, а поради „одвратното сладострастие“ и „премногу слободните слики“ во неговите стихови бил осуден на парична казна. Пресудата е поништена дури во 1949. година.
Книгата „Цвеќиња на злото“ пред објавата била најавувана и објавувана (во периодиката) под други наслови: „Лезбејки“ и „Пекол“. Вториов во 1852. ќе го земе друг поет, бидејќи книгата сѐ уште не била објавена. Цели три години помеѓу објави на преводи и критички статии, а постојано опотоварен со финансиски проблеми, Бодлер само ги препишал своите песни со калиграф и се определил за постојниот наслов. И покрај долготрајното и внимателно подредување, средување, корекции и слично, книгата е објавена со многу печатни грешки, на 25. јуни 1857. година во тираж од 1.300 примероци.
Интересно е дека Бодлер самиот ги „потврдил“ напипшаните „ужаси“ во песните со тоа што не се охрабрил стихозбирката да ѝ ја испрати на својата мајка. Таа, позната во париските кругови како скандалозна, дознава за неа и ја набавува, а по прочитувањето му дава комплименти. Ги добива и од тогаш големи, славни поети и писатели. На пример, Виктор Иго ќе му порача: „Вашите цвеќиња на злото зрачат и цутат како ѕвезди“. Гистав Флобер: „Вие сте отпорен како мермер, а продорен како англиска магла“.
Меѓутоа, многу скоро, неколку месеци по објавата, почнува објавувањето на спротивни- негативни и негаторски текстови, се повеќе остри критики и обвиненија. Ја прочитал и еден функционер на безбедноста, па фрапиран, згрозен му ја препорачал на јавниот обвинител Ваис како пример за „срамен престап во однос на јавниот морал“, како и во однос на религиозниот.
На 8. јули 1857. година пријателот на Бодлер, издавачот на книгата Пуле-Маласис е предупреден од неговиот париски доверител, Религиозната печатница и книжарница, дека повеќе не треба да смета на него за продавање на неговите книги. Три дена подоцна Бодлер кај него наоѓа 100 примероци од својата збирка (ја нарекува свој „речник“ кој го напишал „со страст и со трпение“), половина од нив издвојува од претпазливост, а остава педестина „за да ја нахрани правдата“.
Угледниот „Фигаро“ посочува на „гнилоста“ на „Цвеќиња на злото“, но „Ле Монитер универзал“ објавува текст од Едуар Тиери во кој тој го нарекува Бодлер ентузијаст и го става „во рангот на Данте“. Реакција на министерот за правда: „Зошто му давате комплименти на едно дело за кое сакам да поведам судска постапка?“.
Н1 6. јули целиот непродаден тираж е запленет. Бодлер бара заштита од еден министер на императорот: „Јас сум многу горд што создадов книга која дише само со стравот и со ужасот на злото. Господине министре, зошто не би Ви рекол, со невиност, дека барам Ваша заштита толку колку што е можно да ја добијам, од Вас кој, повеќе со Вашата душа одошто со вашата позиција сте природен заштитник на литературата и на уметностите?“.
Значајна е една негова белешка: „Во оваа грозна книга го внесов целото мое срце, целата моја нежност, целата моја религија (изопачена), целата моја омраза. Вистина е дека би го напишал спротивното, дека би се заколнал дека тоа е книга на чиста уметност, на невештина, на жонглерство; но би лажел“.
Судската постапка започнала, а во меѓувреме објавувањето на статии со пофалби на „Цвеќиња на злото“ е забрането. Бодлер ги забележува идеите за одбраната, потсмевајќи му се на лицемерството и на оптимизмот, бранејќи го генијот, познати попд насловот „Забелешки и документи за мојот адвокат“.
За текот на самата постапка се знае малку. Исчезнати се многу документи во пожар кој се случил во 1871. година во архивот на Палатата на правдата. Од сочуваното и достапното може да се види дека Бодлер бил резервиран, пристоен, учтив, „класичен“ при изјаснувањето. Забележана е добронамерноста на младиот адвокат Шекс д`Ест- Анж, кој ја презема идејата на Бодлер да се прикаже порокот за да се укаже на одвратноста. Притоа наведува голем број на други автори и песни- поеми или романи за кои не била водена постапка. Меѓутоа, судот нема да го прифати тоа, па поетот е прогласен за виновен- за повреда на јавниот морал и доброто однесување. Што се однесува на навредата на религиозниот морал, таа не е утврдена. Осуден е на парична казна во икзнос од 300 франци (приближно на денешни 20.000 франци), издавачите на 100 франци секој, а е наложено 6 песни- поеми да бидат повлечени од изданието.
Книгата, остатокот од тиражот, продолжува да се продава под рака, и тоа двојно дури тројно повеќе од нејзината цена. Бодлер се гледа себе си како милионер, а не знае со што да ја плати казната. Во меѓувреме министерот за правда умира, а неговиот наследник назначува нов обвинител- Шекс д`Ест- Анж (таткото). Очекувано, казната е намалена на 50 франци, а министерот за правда му одобрил 100 франци помош.
Маласис се заколнал дека нема да исфрла ништо од книгата, но го сторил тоа. Во следното издание (1861.) недостасуваат 6-те осудени песни, но има 32 други, нови. Подоцна тој во Брисел ги објавува, најнапред во една мала книга „премногу слободна и недозволена“, а потоа во збирка под наслов „Остатоци“. Во 1863. година тој банкротира. Правата на Бодлер на лицитација ги откупува Мишел Леви и го подготвува третото издание кое требало да излезе една година по смртта на поетот, во 1868.
За „вината“ на Бодлер во 1929. година било поднесено барање за ревизија, но тоа не успева. Дури на 31. мај 1949. година Касациониот суд ќе донесе решение за поништување на поранешната пресуда. Оценето е дека таа е „самоволна“ и не била „ратификувана ниту од јавното мислење, ниту од мислењето на книжевниците“.
Шарл Бодлер: Албатрос
Луѓе од бродот, често, за забава ги ловат
албатросите, птици што в морска шир се сами,
и што со големи крилја рамнодушно пловат
над лаѓата што се лизга над горчливи јами.
Но кога ќе се најдат врз палубните штици
тие кралеви на ширта, до пред малку сјајни,
ќе станат наеднаш смешни и несмасни птици,
а крилјата бели жално ќе се влечат крај нив.
Тој крилат патник сега колку станал беден!
Тој, некогаш толку убав, колку е грд вака!
Со своето луле клунот му го дразни еден,
куцајќи, друг летачот го подражава сакат!
Како принц на облаците поетот се крева,
се подбива со стрелецот и низ луња броди,
но штом е спуштен на земја, среде џган и врева,
неговите крилја на џин му пречат да оди.