Неочекувано или исклучително

Пред исчезнување

Промислувањето за случувањето на сликите и зборовите каде било пред нечие вонвременско исчезнување во различни предели, опкружувања, создавања и собитија, се чини е невозможно да престане, да заврши, да доведе до некој тврд заклучок или став. Просто затоа што секогаш отвора нови прашања и дилеми, поставува нова проблематика, предизвикува нови релации и корелации.

Не се случува тоа само со сликите и зборовите меѓу земја и небо, во мали и големи води, во непрегледни пустелии, меѓу четири ѕида, во куќа без темел или покрив, преживувајќи различни периоди на деноноќие. Исто или слично се случува во личното доживување или надминувањето на пресвртници во животот. Исто или слично кога со ништо не може да се разниша рамнотежата или да се пресече континуитетот на опстанувањето. Разгледот на неочекуваното и исклучителното се наметнува како најпрв.

Имено, токму неочекуваното и исклучителното на промислувач кој се наоѓа пред можност да го продолжи траењето на своето исчезнување, а е подолго време во постојана единствена неизвесност, како што е случајот со седумдесет и петгодишниот Никифор Саздоски, веќе два ипол месеци во смртна постела, мора да биде забележано само за лично време. Гледан и негуван од неговата верна друшка, шеесет и деветтгодишната Анастасија. Последни во предградието викано Дребјани.

Денови и ноќи обајцата во длабок молк, најпрвин затоа што се сами. Одамна немаат ближен или да ги посети кој било, со кого ќе скршат збор-два. Или само да слушне некоја мисла на Никифор за животот и смртта, за постоењето и опстанокот помеѓу нив.

А човекот до пред месец ипол си кажувал, и во подалечното и далечното минато си докажувал опитно и искуствено за многу нешта кои се редат пред стамен човек со сета своја тежест. Кои им се случиле и случувале ним, нему и на Анастасија, кои се ределе пред ниввните снаги и нивните заеднички години. Најмногу премрежиња и мачнотии.

Зошто се сами? Зошто немаат ближен, ниту ги посетува кој било? Просто е: имаат ближни, син и ќерка, ама исто како да ги немаат; одамна се далеку, во туѓи земји вкоренети, отуѓени, без каква било врска; нивните рожби не ни знаат за нив, дека се уште живи. Просто е: не ги посетува никој зашто живеат во трошна приземна куќа на крајот на градот, а до неа се стасува по врвица покриена со трње и коприви.

И со Никифор и Анастасија, како со многумина други во иста или слична состојба како нивната. Тој учен, начитан, филозоф, некогашен анонимен пишувач на белешки за суштествени прашања и дилеми директно или индиректно поврзани со егзистенцијата на современиот човек, поптишувани со псевдоним „Активатор“; таа некогаш посветена на проучување на биодиверзитетот, а сега постојано и во костец со неговата неминовна и блиска смрт. Според нив, просто е невозможно да се случи нешто изненадно, сосем неочекувано или исклучително. Сепак им се случило некогаш или им случува одвреме-навреме, макар мигум?

Како со многумина други во иста или слична состојба како нивната, и на Никифор и Анастасија им се случуваат исто како некогаш две неодминливи нешта: љубов и самосвесност во интеракција, неретко обусловени една од друга, а секогаш единствени во самодокажувањето. Притоа, љубовта како меѓусебна доверба, внимание и заедничка одбрана на спокој. Самосвеста, пак, како задоволство, како исполнетост од сè добро направено и создадено. Неговата како мислечка оставина, а нејзината како истражувачки резултати. Нејзина постојана заложба: нема опстанок без самосвест на луѓето дека биодиверзитетот мора едновремено и да го чуваат и да го обновуваат. Се разбира, како и кај сите најпрвин како начин на битисување во менлив свет.

Едно нешто од обете-исклучително и во голема мера неочекувано кај нив исто како кај, во и помеѓу сите луѓе :

Седумдесет и петгодишниот Никифор Саздоски, веќе два ипол месеци во смртна постела, гледан и негуван од неговата верна друшка, шеесет и деветтгодишната Анастасија, последни селани во прдградието викано Дребјани, по неброени денови и ноќи обајцата во длабок молк најпрвин затоа што се сами, успеа да прозбори свои последни зборови!

Никифор Саздоски ѝ рече тивко, речиси со шепот мисла за предолгото стоење на човек пред бездна, чекајќи некоја непозната сила да му помогне да ја прелета како негов последен лет:

„Човек кој предолго стои пред бездна е е бессилен и неминовно паѓа во неа. Ништо и никој не може да му помогне да ја прелета како негов последен лет“.

Анастасија Саздоска пушти последна солза.

ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ, роман, 65

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.