Необичен

Потребно време за читање: 3 минути

Трајко Смирненски до вчера беше необичен човек. Се разделивме доцна синоќа, вообичаено во Домот на пензионерите, по многу одиграни шаховски партии. При кои не броевме колкупати победи тој, ниту некогаш сме анализирале зошто едниот го матирал другиот. А утрово разбрав дека починал! Во некој претполноќен, некој пополноќен, можеби во полноќен час, а можеби и во некој од раното утро. Го нашле вкочанет. Умрел во сон.

Ми беше еден од неколкутемина пензионерски другари со кои се среќавам и се дружам речиси секој ден, и тоа по неколку претпладневни или попладневни часа. Веќе реков дека беше необичен човек. Не само за мене. За сите со мене и со нас. Најмногу според мислењата и ставовите за животот и смртта, за сегашноста и иднината на државата и општеството, за неизбежноста или излишноста на политиката во нашето секојдневје. Не за сè и сешто. Најмалку бистрење политика, инаку вообичаено за пенизонерски среќавања и дружења.

Трајко Смирненски никогаш ни збор не рекол за свој ближен. Барем не кога јас сум бил со него. Освен еднаш нерадо, би рекол и подналутено не процеди низ заби дека некогаш можеби имал, но никогаш немал ниеден ближен. Не знае дали е некој уште жив, но за него одамна се сите мртви.

Трајко Смирненски до вчера жив беше во длабока старост. Не знам точно, но сигурно ќе да имаше повеќе од осумдесет, може повеќе од осумдесет и пет-шест години. А на нозе, исправен, стамен, без ниедна старечка болест. Би рекол витален, со напросто неверојатен бистар ум. И јас и многумина со мене и со нас често гласно сме нагласувале дека е тој најмладиот старец од сите нас во третото доба. Тој да умре така, да умре наеднаш, во сон…Сега ми паѓа на ум да тврдам без да грешам: сосем заслужено. Како тоа?!

Не е за чудење или неверување. Едноставно, нема старец и старица кои не посакуваат, дури се надеваат да умрат така-во сон. Зошто заслужено?! Не е за чудење или неверување. Едносавно, јас не познавам друг кој направил и создал толку многу за државата и општеството. Како директор на голема градежна компанија, како професор по правни науки, творец на многу статии и студии од теоријата на правото и правната проблематика, и како партиски предводник.

Меѓутоа, кога некој ќе се обидеше да го поттикне да зборува за своето професионално и научно минато, тој само кусо пресекуваше: „Батали. Било-поминало. Заборавено“. Јас лично многу често му се спротивставував. Не ја прифаќав неговата рамнодушност. За мене тоа не беше скромност или помирливост. Тој само одмавнуваше со рака и наметнуваше тема која немаше никаква врска со него.

Баш вчера при разделба, по последната партија шах во која ме матира, рече нешто за животот и смртта што мислам дека треба да се памети:

„Не ми е прифатливо, но сè повеќе ми се наметнува како точно дека животот на човекот е како партија шах. Не ми е прифатливо зашто е општо прифатливо дека тој-шахот е битка на две спротивставени војски на бојно поле. Значи, шаховската партија е цел човечки живот, почнувајќи од првиот потег, отворањето, всушност негово раѓање, па сè до смртта односно матирањето. Шаховска партија во која се води борба на два ума до смрт, со однапред смислена стратегија и тактика. Само треба да ја разрешиме шаховската пат позиција во животот како негов нерешен крај. Тоа е исто како да нема ни живот ни смрт. Освен ако како таква позиција не ја сметаме клиничката смрт. И не треба, затоа што стручно таа е престанок на дишниот систем, циркулацијата и мозочната активност, но е можно преживување односно повторно воспоставување на виталните функции и продолжување на животот. Според мене, шаховската пат позиција е еднаква со бескрвен живот, рамнодушно живуркање, неживот“.

Не знаев што да му одговорам на прашањето, по моето прифаќање на ова негово промислување:

„Јас и ти секој ден играме по неколку шаховски партии. Дали тоа значи дека сме почнале и завршиле и почнуваме и завршуваме многу заеднички животи?“      

НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 39