Немошни

Потребно време за читање: 2 минути

Пред изгрејсонце минав мало место со земјен и каменит пат што го дели на два еднакви дела, со по две мртви и една жива куќарка од двете страни. Во мртвите немаше оган, ни во огниште внатре или надвор. Во живите тлееше оган кој пред згаснување, бидејќи и портата и вратите и прозорците им беа ширум отворени. Пред нив, на камен праг, на дрвени скали, во тремови седеа старци и старици во многу години. Вкочанети, како скаменети. Како неми и глуви.

На двапати минав, па се вратив. Застанав пред жива куќарка, пред која стоеше исправен старец кој ми се виде најмлад од сите. Ведроста на неговото набрчкано лице просто не предизвика да застанам спроти него. Го поздравив, му се претставив кој сум и дека сум на минување, па го прашав:

-Местово е на умирање? Живи сте само ти и неколкутемина на камените прагови, на дрвените скали, во тремовите?

Ми одговори со острина во гласот, како да се брани:

-Добро си забележал. Не си слеп…И ние брзо ќе умреме. Си го чекаме редот… А ти, одејќи по својот пат и по нашиов како дел од него, да не си се надевал дека ќе наидеш на инакво место? …Живо? Жизнено?

Му одговорив смирувачки:

-Не, никако. Одејќи по мојот пат, досега и пред изгрејсонце и по зајдисонце минав неколку сосем мртви места. Но, ова е прво сè уште живо, поточно на умирање…Не грешам, нели?

Молчеше некое време со наведена глава, па ме одмери од глава до петици. Одговори:

-Исто како да е неживо. Времето за нас е одамна застанато. И ние со него и во него. Немошни за што било. Знаеш зошто? Затоа што никој од нас сè уште живите во местово нема ни род ни пород. Или нема или имал, а одамна му испоумрел…Ај, врви си го патот, човеку.

Се поздравивме без да се ракуваме. На изгрејсонце.

НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 47