Сите суштества се проѕеваат. Луѓето тоа го прават веќе 5 минути по раѓањето и продолжуваат целиот живот, се до смртниот час.
Проѕевањето е толку обично и толку општо што сите истражувачи го занемаруваат. Никој не сака да ризикува да излезе смешен поради тоа што своето време и парите ги троши за одблизу да изучува толку неважна работа.
Она што се знае засега е дека просечниот човек се проѕева 250.000 пати во текот на животот, а ембрионите во стомакот тоа почнуваат да го прават помеѓу 12-тата и 14-тата недела од бременоста, што сугерира дека оваа појава има важна неврофизиолошка улога оти битието во зачеток, тешко сенасе 60 грама, инаку не би трошело енергија на проѕевање.
На Интернет можат да се најдат многу прилози за проѕевањето- од оние со „општите“-основните сознанија и знаења за него, до најнови откритија и занимливости.
Еве еден мал избор:
Двајца научници- психолози,Роберт Провајн, од Мериленскот универзитет и Роналд Беининџер, уште во 1979. година почнале, независно еден од друг, да го менуваат мислењето за проѕевањето. Провајн решил да ја провери „дефиницијата“ според која тоа е „тивок крик по кислород“, некаква „длабока воздишка“ до која доаѓа кога сме уморни или ни е здодевно.
Ангажирал студенти од прва година по психологија. Им давал да вдишуваат мешавини од кислород и јаглероден двооксид и правел забелешки за бројот на проѕевките. Резултатите покажале дека, иако стапката на вдишувања на студентите се зголемувала за да го компензира повисокото ниво на јаглероден двооксид, бројот на проѕевките не растел. Напротив, кога студентите вдишувале чист кислород се проѕевале уште повеќе. Така научникот утврдил дека, иако проѕевањето ги вклучува вдишувањето и издишувањето воздух, тоа не е негова примарна функција. Дошол до заклучок дека ширењето на вилиците е всушност од клучно значење кај проѕевањето и оти оваа појава всушност претставува повеќе протегање одошто длабоко воздивнување.
Имено, не е тешко да се забележи дека проѕевањето обично е и проследено со протегање, особено во првиот час по спиењето, кога човекот најмногу се проѕва. На второ место според интензитетот проѕвањето е еден час пред спиење.
На врската помеѓу проѕевањето и протегањето укажуваат и фармаколошки студии. Утврдено е дека некои медикаменти кои влијаат врз работните способности, на пример окситоцинот, кај животните предизвикуваат и проѕевање и протегање. Уште посилен доказ се добива кај хемиплегичарите, лицата на кои обично по мозочен удар едната страна на телото им е одземена. Кај некои од нив при проѕевањето доаѓа до протегнување на екстремитетите на онаа страна што им е одземена! Оваа вознемирувачка појава покажува дека постои блиска врска помеѓу невронските кола кои ги контролираат тие две нешта.
Психологот Роберт Провајн смета дека се чини оти проѕевањето претставува локално протегање што го опфаќа лицето. Доколку е тоа точно, би требало да предизвика разни промени во организмот. Меѓу другото, тоа го забрзува работењето на срцето, односно го зголемува пулсот, го крева крвниот притисок и влијае врз црикулацијата на крвта. Се чини дека овие ефекти го подготвуваат лицето за акција.
Човечките суштества не се единствените што се проѕеваат. Психологот Роналд Беининџер потсетува дека во проѕевање можат да се „фатат“ кучиња, мачки, стаорци, птици, па дури и водоземци. Повеќето месојадци се проѕеваат, додека кај тревојадците тоа е ретка појава.
Ако видат или чујат проѕевање, кучињата и самите почнуваат да го прават истото, но ако забележат дека им се проѕева сопственикот шансата дека нема да се воздржат е речиси 5 пати поголема. Ова го потврди истражување на португалскиот Универзитет Порто, споведено врз 29 кучиња.
-Тоа е уште еден доказ дека кучињата сочувствуваат со сопствениците и знаат низ што тие минуваат. Тие се проѕеваат и додека го гледаат, но и додека го слушаат сопственикот како се проѕева,- објаснува научничката Карин Силва.
Претходни истражувања потврдиле дека кучињата изгледаат како да се виновни иако не се, што упатува на тоа дека не можеме со сигурност да кажеме дека емпатијата што тие ја чувствуваат одговара на онаа човечката, истакнува Адам Миклоси, од унгарскиот Универзитетот Етвос Лоранд, кој изразил сомнеж во резултатите од истражувањето.
Со посматрање е утврдено дека лавовите и мандрилите во Филаделфиската зоолошка гадина зачестено се проѕеваат кога ќе се доближи времето за хранење, веројатно главниот дневен настан во нивниот живот. Може да се рече дека токму тоа-проѕевањето пред да се случи за нив нешто важно односно некој настан кој бара внимание и акција, е нивен заеднички именител.
За разлика од нив, луѓето се проѕеваат при недостиг на вистински надразнувања. Зголемена стапка на проѕевање е забележана кај патниците во полупразно метро при крајот на денот. Регистрирана е и кај студентите при учење во универзитетска библиотека, како и кај луѓе кои гледаат телевизија и пијат пиво.Најголема стапка на проѕевање Беининџер забележал за време на настава на математичкиот отсек на Темпл универзитетот-24,6 проѕевања во текот на еден час по студент.
Иако луѓето се проѕеваат кога им е здодевно, тоа е само половина од приказната. Втората половина е дека тие, и покрај здодевноста и поспаноста, чувствуваат обврска да останат будни. Проѕевањето е начин на кој телото ја забрзува својата состојба на будност во моменти кога треба да остане прибрано. Оваа хипотеза, на пример, објаснува зошто се проѕеваат возачите кои возат по автопатиштата ноќе или студентите кои слушаат предавање од математика. Во исто време таа објаснува зошто малку се проѕеваат лицата што се в кревет-зашто навистина се подготвуваат за спиење.
Единствен проблем со оваа теорија на будноста е што се проѕеваат и многу лица кои се веќе во состојба на висока будност-да не го спомнуваме стресот. Студентите сами предупредуваат дека се проѕеваат невообичаено многу пред испит. Атлетичарите се проѕеваат пред почетокот на трката. На вљубените истото им се случува пред состанок со саканото лице што теба да го освојат. Еден познат виолинист, како што наведува Провајн, секогаш се проѕева пред почеток на настап, а самиот смета дека тоа му помага да се опушти. Се наведува примерот на падобранците кои се проѕеваат пред скок и се смета дека би можело да се работи за поттикнување на вниманието, но има мислења и дека е во прашање сузбивање на стрес.
Меѓу другото, утврдено е дека стаорците во кафез изложени на стресни стимуланси се проѕеваат почесто од вообичаено.
Една теорија сугерира дека со проѕевањето се постигнува разладување на мозокот, со што се штитат церебралните активности и се зголемува ефикасноста. Меѓутоа, се поставува прашањето зошто тогаш не се проѕеваме повеќе кога имаме зголемена температура и зошто и змиите се проѕеваат, а не располагаат со механизам за регулирање на топлината.
Роберт Провајн е во дилема оти не е сигурен дека и проѕевањето има возбудувачко или смирувачко дејство. Неговиот колега Роналд Беининџер смета дека судејќи според се тоа има двојно дејство: поттикнувачко (возбудувачко, расонувачко) или смирувачко (успивачко)-според ситуацијата во која се случува. Тој вели дека проѕевањето е можеби хомеопатски механизам: тоа може да ги модулира будноста и прибраноста, зголемувајќи ги или намалувајќи ги до одредено оптимално ниво.
Верижното проѕевање пред се значи дека некому сте му важни, а особено им е интересно доколку зборувате за нешто, пренесе Дејли мејл. Теоријата ја објавија италијански истражувачи од Универзитетот во Пиза, кои посматрале 100 жени и мажи од четири континенти додека оделе на работа, јаделе во ресторан и седеле во чекални. Кога некој од нив ќе се проѕевал истражувачите следеле дали некој се проѕевнал со него во наредните 3 минути и каков е нивниот однос.
Резултатите покажале дека расата и полот немаат ефект врз неконтролираното проѕевање, но фактот дека лицата кои верижно се проѕеваат се познаваат е мошне битен. Верижното проѕевање се појавувало најчесто помеѓу членови на семејство, пријатели и парови, а најмалку помеѓу странци.
Заклучок: проѕевањето е придвижено од интензитетот на емотивната врска помеѓу лица кои се проѕеваат и тие всушност сочувствуваат едни со други.
Уште еден факт оди во прилог на резултатите на италијанските истражувачи оти е вистина дека почнуваме да се проѕеваме по некого уште од 4 или 5 години, кога стануваме способни да се идентификуваме со туѓи емоции.
Францускиот семеен лекар Оливие Валусински објави прирачник под наслов „Мистериите на проѕевањето во физиологијата и болестите“. Во неа се содржани резултатите од најновите истражувања на збунувачко и неконтролирано однесување.
Она што е сигурно е дека проѕевањето е заразно оти се поврзува со човечката способност за емпатија. Имено, со снимање на мозокот е утврдено дека исти области во него се активираат кога спрема некого ќе почувствуваме емпатија, како и кога ќе не заразат со проѕевање. Некои тестови на личноста покажале дека врз лицата кои патат од шизофренија или аутизам проѕевањето на други дејствува помалку заразно.
Научници од Принстон универзитетот откриле дека проѕевањето може да ја регулира температурата во мозокот, спречувајќи негово прегревање.
Професорот Ендрју Галуп со својот тим во текот на зима замолил случајни минувачи во Таскон, Аризона, да погледаат слики на луѓе кои се проѕеваат за да повери дали тоа истото ќе го направат и тие. Истиот експеримент го повториле и на лето.
Истражувачите соопштија дека половината од испитаниците почнала да се проѕева по прегледаните слики, зиме, додека лете тоа го правеле само четвртина од нив. Поради тоа дошле до заклучок дека проѕвањето го лади мозокот, иако на прв поглед се чини дека луѓето го прават тоа интуитивно. Според оваа теорија, проѕевањето го лади мозокот преку топлината која во текот на тој процес ја разменуваме со постудениот воздух. Тој систем затоа не би функционирал на топол летен ден.
„Проѕевањето би требало да биде контрапродуктивно-и поради тоа потиснато во амбиент во кој температурата е поголема од телесната, зашто длабокото вдишување на воздухот не би предизвикало ладење“, изјавил професорот Галуп. „Би требало да постои „термален прозорец“ или релативно тесен опфат на температурата во која се очекуваат највисоки стапки на проѕевање“.
Резултатите се исти и кога ќе се земе предвид влажноста, времето минато надвор и колку сме спиеле претходната ноќ.
„Речиси 40% испитаници се проѕевнале за помалку од 5 минути минати надвор; меѓутоа, тој процент во текот на летото опаѓа зашто помалку од 10% од нив го прават истото“, потенцира Галуп. „Ова е прв извештај кој покажува дека зачестеноста на проѕевањето зависи од годишното доба“.
Ова би можело да објасни зошто се луѓето збунети и дезориентирани кога се наоѓаат во услови на голема горештина, зашто мозокот има лимитирани начини за освежување.
Некои холандски научници проѕевањето го сметаат за „повик на секс“, што би можеле да го потврдат многу филмови во кои отворената уста, протегањето и истурањето на градите кај жените го толкуваат како таков сигнал. Врската помеѓу проѕевањето и сексот кај животните е многу поочигледна отколку кај луѓето. Така доминатниот мажјак на макаки мајмунот се проѕева пред и по парењето, што се чини има врска со нивото на тестостеронот зашто кога таквиот мајмун ќе се кастрира и ќе го изгуби доминантниот статус престанува и проѕевањето.
Значи, се чини дека организмот го користи проѕевањето како регулатор во една „преодна“ фаза на активност-кога мораме да правиме нешто сериозно што бара висока будност и прибраност, а сакаме тоа да го избегнеме или едноставно ни се спие; понекогаш можеби и обратно-кога треба да спиеме, а сакаме да правиме нешто друго.