Некои сеништа од луѓе
дојдени од разни страни
на свет замислен голем
безграничен непостоен
се собрале околу човек
последен меѓу соништа
безживотни
уште некое време жив
се гледаат се слушаат
сите онемени
пред нова неизвесност
на залез на последен
најдлабок корен
во пустошна земја
што одамна не е корен
туку минливо минато.
Сеништа од луѓе
околу човек последен
танцуваат и пеат
во длабока тишина
меѓу еден огон жив
и многу огнови мртви
со намисла да го замајат
за што полесно и побрзо
да стане еден од нив
па заедно да почнат
да создаваат нов свет
замислен голем
безграничен непостоен
во друга пустошија
со некои други безимени
а заедно самотни
а заедно слепи и неми.
ОГОН ВО ПУСТОШИЈА, Мразнина, поетска студија, 65