НЕКОГАШ ПОНЕКОГАШ ИГРА, поетска студија за играта

Потребно време за читање: < 1 минута

36. Собрани луѓе

За прв и последен пат
луѓе се собраа пред врева
оти ѝ заверуваа
дека има утре
со плодови во невреме,
во ведри утра,
во спокојни сновиденија.

За прв и последен пат
луѓе се собраа пред страв,
да го отфрлат дури e
сѐ уште нивно
нивното време;
како веќе да не можат
повеќе
да го следат мирното
течение на реката
што им го дели животот
на два различни дела.

За прв и последен пат
луѓе се собраа гладни
ем жедни
божем заедно ќе можат
да ја достасаат целта:
согласност за сѐ
што може дад ги возвиши
и за сѐ што не може
да ги разнебити.

За прв и последен пат
луѓе се собраа околу нас,
облечени
од глава до петици
во минато и сегашност;
како ние да ќе ги откриеме,
па ќе ги предводиме
до конечна победа
над рамнодушноста.

За прв и последен пат
луѓе се собраа околу човек
од камен од нас изделкан
за спомнување на нашата
надеж,
на нашата беспоштедност,
на нашата безусловност.

Дека некогаш сме биле
како да не сме,
дека пак сме по мачно
и драматично вишнеење.

Leave the first comment