Неизмерност

Потребно време за читање: < 1 минута

Една ли е како последна
оваа неизмерност пред тебе
или има уште многу
неизмерности
човеку со луѓе во оган и мразнина
со тебе исто колку во тебе
а ниедна за тебе
мислиш и се надеваш дека е тоа
сосем сеедно
затоа што сè до неа успеваше
да ги надминуваш една по друга
еднакво со мисла намисла и сила
еднакво сам со себе.

Се прашуваш гласно екотно
човеку со луѓе во оган и мразнина
дека те безнадежи не толку како
последна
има ли уште многу други инакви
туку до кога ќе биде
поточно дали ќе биде дури си жив
се прашуваш што откако
ќе бидеш конечно мртов
ќе остане ли ваква којзнае каква
може некој да ја врами во мисла
за вечност незамислива а жива.

Оваа неизмерност пред тебе
со тебе исто колку во тебе
ниедна за тебе
одамна уште пред да се родиш
пред да станеш човек со луѓе
во оган и мразнина
ти докажува дека си смртен.

ОГОН ВО ПУСТОШИЈА, Мразнина, поетска студија, 57