30. Круг и кругови
Од еден круг излегувам,
во друг круг влегувам;
каков што бев,
каков што уште сум.
А сал еден од сите
кругови
е еден, дамна мој;
во кој сум свој
и со него се бранам,
и секогаш ме брани
од сили што снага
ми снеможуваат,
од крадби на мои
зборови, знаци и писмо
дека свои немаат.
Во тој дамна мој круг,
еден од сите кругови,
влегувам откога
од еден круг излегувам,
па во друг влегувам;
каков што сум
за живот самотен
со надеж и љубов.