Навраќање

Дребнавости на дребнав човек

Он наврати кај неа, а она наврати во него и се наврати на годините со него дамна. За обајцата беше сосем неважно тоа што годините во меѓувреме оставиле длабоки траги и лузни на нивните лица. За обајцата беше најважно од сè тоа што се препознаа на прв поглед и истовремено ја почувствуваа онаа привлечна меѓусебна енергија што ги држеше заедно низа долги години.

-Конечно навратувам кај тебе по низа долги години оддалеченост, по многу преживеани спомени,-ѝ рече со непомирлив глас.-И можам и не можам како досега, но секако со многу преживеани спомени на нас.

-Јас, пак, одвреме-навреме се прашував што ти се случува, што ли доживуваш и преживуваш, и дали сум можела некако да ти помогнам,-му одговори. Додаде дека секогаш ѝ бил како да не е он, како да е некој што никогаш не го ни запознала, а камо ли добро да го познава. Дури сега, со неговото навраќање кај неа успеала да наврати во него и да се наврати на годините со него дамна.  

Прочитај и за ... >>  Раскажувач

Долго ја гледаше молчешкум. Сакаше да ѝ каже дека не може да ѝ се изнагледа, но успеа тоа да го одмолчи. Ѝ рече откако и таа го загледа молчешкум и со ведра насмевка:

-Најпрвин да го навратиме разговоров накај нас оддалечени, а чувствувањето да го оставиме за крај.

Она прифати со кимање со главата.

-Во изминатата низа долги години на наша оддалеченост преживеав многу смрти на ближни. Сега имам само еден потомок за кого знам само дека е жив. Не знам ништо друго. А што јас сум преживеал…подобро да не ти раскажувам,-ѝ рече рамнодушно.

Воздивна длабоко, па продолжи:

-Да го оставиме моето…Морам да ти признам дека сè уште одвај ја преживувам твојата болештина. Живеам во надеж дека успеа докрај да ја поразиш.

Она одмавна со раката, како да одбива нешто од себеси и одговори дека не сака да зборува за сè низ што минала и што сè издржала. За миг се оддалечи од него, па пак наврати во него и се наврати на годините дамна:

Прочитај и за ... >>  Можеби никогаш повеќе

-Знаеш, мислам дека твоите чувства кон мене се непроменети и затоа има многу од тебе меѓу нас недоречено.

Ѝ возврати:

-И јас го мислам истото за твоите кон мене. Ајде да се навратиме на нив. Можеме и да ги преиспитаме…Да ги откриеме, па после нека ни биде како ќе ни биде.

Некаква  мигновена сенка на нејзиното лице. Молчеше речиси цела минута, па му одговори отсечно:

-Не! Подобро не!…Може меѓусебно да си отвориме живи рани. Сè меѓу нас нека остане како што е!

Стана и решително, со брзи чекори се оддалечи од него.       

ДРЕБНАВОСТИ НА ДРЕБНАВ ЧОВЕК, наративна поезија, 10

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.