13. Имиња
Двајца на изгрејсонце и пред зајдисонце:
-Како се викаш?
-Се викам Јас.
-И јас се викам Јас.
-Убаво. Познавам многу мажи и жени што се викаат Јас.
-А јас познавам многу што се викаат Ние.
-Јас не познавам ниедна и ниеден.
-Тоа е проблем.
-Зошто проблем?
-Зашто многумина Јас се викаат и Ние.
-Како тоа со две имиња?!
-Ете така. Зошто да не?
-Сакаш да кажеш дека тоа нема врска со личниот и колективните идентитети?
-Сакам да кажам дека секој се вика вака или онака, а секој секого може да го вика како сака. Некој се вика Јас, а прифаќа да го викаат и Ние.
-Јас не прифаќам, но не можам ништо против тоа.
-И јас.
-Мислам дека е исто неприфатливо како Јас и Овие, Јас и Тие и Јас и Оние.
-За мене е тоа уште понеприфатливо. Може Јас и Вие како изразување почит или заедништво во нешто, за нешто, кон нешто.
-И за мене. Се разбира дека тоа може.
…
-Што мислиш, има ли за сите место под сонцето и на изгрејсонце и на зајдисонце?
-Да, кој какво заслужил во животот, дејствувањето и создавањето. Што се однесува на сонцето, тоа на изгрејсонце само сè повеќе свети и грее, а на зајдисонце сè помалку.
-Разбрав.
-Јас Јас и ти Јас на изгрејсонце и пред зајдисонце.
-Може Јас и Ние за оние што сакаат со нас. Спокојни, ведри, сегашни и идни.