2. Читател
-Вие сте читател?,-прашувам средовечен човек пред излог на книжарница. Облечен во излитено долго палто, на нозете длабоки патики без врвки; ќелав, со неуредна седа брада и густи жолти мустаци; цигара в уста.
Ми одговара насмеан:
-Не, јас читам, слушам и гледам.
Му возвраќам насмеан:
-А не чуствувате?
Се загледува во мене, па одговара насмеан:
-Се разбира. Не може без чувстување.
Продолжувам:
-А не мислите? Не размислувате?
Се замислува, па ми одговара со прашање:
-Зарем може човек да чита, гледа и слуша без да мисли во исто време?
Молчиме некое време загледани во излогот со книги. Молкот го прекинувам јас:
-Значи, Вие сте читател.
Тој по малку нервозно:
-Веќе Ви одговорив, Господине. Не сум читател. Јас читам, слушам и гледам.
Решавам да му го свртам вниманието на излогот:
-Ве интересира некоја книга? Можеме да влеземе и јас радо ќе ја купам и ќе Ви ја подарам.
Ме гледа втренчено и ми одговара:
-Ништо не ме интересира…Не сум видел во градов понеуреден излог со книги…Просто одбива. Расфрлани, наредени една врз друга, отворени на некоја страница…Па уште кукли меѓу нив, гускино перо и мастилница, стара машина за пишување, бела незапалена свеќа…Неверојатен невкус!
Се уфрлувам:
-Важни се книгите…Постарите изданија лево, најновите десно, а на средината библиофилски…
Тој веќе видно нервозен:
-Знаете што, Господине? Книжарница нема потреба од излог. Треба да има видно катче за читање, слушање и гледање…Да, и за чувствување книга и мислење и размислување…Во градов веќе се отворени неколку кафулиња со библиотеки…како читални…
Јас пред да се разделиме:
-Драго ми е што Ве запознав, Господине читател.
Тој пред да се разделиме:
-И мене ми е драго што Ве запознав, Господине писател.
Јас за него писател?!