НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 18

Потребно време за читање: 2 минути

18. Човек

Беше човек, е човек, остана човек и ќе се памети како човек. Човек откога го знам. Мал? Голем? Мал како голем? Голем како мал? Ма само човек.

Им верувам на оние што зборат за него дека имал големо и широко срце. Им верувам и на оние што тврдат дека во животот не згазил ни мравка, а камо ли да нагази или прегази кого било што му стоел на патот, му го попречувал патувањето низ животот или го следел во чекор на неговиот пат. Потврдувам дека им помогнал на многумина кога им била потребна неговата помош, а на оние на кои не можел да им помогне пазел со ништо да не им одмогне. Помагаше и веднаш забораваше дека помогнал. Се разбира, кога го зборат, го тврдат и потврдуваат сето тоа мислат на неговата докажана човештина.

Редок човек? Мислам да. Може во светот да не се ретки луѓе како него, ама сум убеден дека и баш не се среќаваат на секој чекор. Особено во нашево време и невреме, во оваа навалица на нелуѓе врз сè што вредело и вреди, што го движело и движи човештвото напред. Во навалица на оние што сè прават и работат во корист на сопствената штета; да искористат што можат и да им наштетат на далечни и блиски како можат; да газат и преку мртви за да бидат над живи.

Прочитај и за ... >>  НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 5

Сè најдобро за човекот што беше човек, е човек, остана човек и ќе се памети како човек? Немало, нема и ќе нема ништо лошо во него, од него, за него, со него?

Јас го знам најлошото: никому не му дозволи, не му дозволува, ниту ќе му дозволи да ги злоупотреби неговата чесност, неговата искреност, неговата наивност. А пред сè и над сè да ги ограничи или да ги надвладее неговиот идентитет, неговото достоинство и неговата слободоумност.

Да раскажам некое собитие од кое заедно сме извлекле жива глава? Можеби некогаш.

Жив е човекот или веќе не е? За жал, од неодамна не знам.