НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 17

Потребно време за читање: 2 минути

17. Источник

Источникот се наоѓа на исток, на врв на стара планина, на граница меѓу пустина и предел со високи треви и густа шума. Ни требаше многу ôд, ту со забрзани ту со забавени чекори, речиси до премалување на нашите снаги. А кога стасавме, можеби е поточно да се каже откако го пронајдовме изворот, можевме да седнеме во некоја сенка, да одмориме и да промислиме кон каде и како.

Јас и Изворин сме големи пријатели од дамнина. Заедно сме уште од деца. Заедно растевме, созревавме, се формиравме како личности. Се докажувавме и веќе сме докажани како видни творци на секакви, различни книжевни дела и како создавачи на ликови на театарска сцена, со секакви, различни свои светови. Секакви, различни ни се и делата и личностите, а имаме нагласено исто гледиште на источникот, односно почетокот или никулецот на секое мое и негово дело или лик на театарската сцена: тој е најмалку, дури може да се каже воопшто не е инспирација, особено не стварноста, состојбите или собитијата во неа, туку замисла на што било постојно или непостојно, на нешто што напросто бара од нив да излезе на виделина. Слично на изворот како предизвик.

Источникот како извор го најдовме на исток. Седнавме крај него да одмориме, под сенка на столетен даб погоден до срцевина од молња. Се разбира, ја угасивме жедта со бистрата и ледена изворска вода.    

Изворин:

-Конечно можеме да почнеме да создаваме наши книжевни источнички дела, сосем поинакви од сите наши досегашни. Со ликови за на театарска сцена што ќе ги играме меѓу стварен и заумен свет.

Реагирав збунето:

-Какви источнички книжевни дела?! Како мислиш сосем поинакви од сите наши досегашни?!

Тој:

-Создавачки. Кои нема да ги создадеме како конечни, туку ќе ги создаваме одновно и одново. Време ни е. Се разбира, ликовите за на театарска сцена ќе бидат живи и игриви меѓу стварност и заумност. Слични на сеништа.

Молчевме долго промислувајќи. Молкот го пресеков јас:

-Мислиш источнички книжевни дела на изворов бистра и ледена вода, под сенкава на столетниов даб погоден до срцевина од молња?

Изворин:

-Да, мислам. Не заборавај на врвов.

Одморивме, па се разделивме со договор да ги прикажеме нашите источнички дела со ликови слични на сеништа на изворот, пред народ насобран на границата меѓу пустина и предел со високи треви и густа шума.