1. Натажен кловн
Неколку дена на ред го гледав наспоредно во циркуската арена и на улица, замешан во луѓе. Во циркусот настапуваше со точка на натажен кловн, а на улица, замешан во луѓе облечен во стар фрак, бела кошула, пеперушка, ласнати црни шпиц чевли, цилиндер на главата и црн бастун во десната рака.
Во циркусот носеше маска на натажен кловн пред да заплаче. На која ѝ фалеше солза, која инаку е вообичаена на таква маска. Со точката, пак, за разлика од другите, мене никогаш не успеваше да ме засмее. Ниту со неговите наивни и божем неуспешни трикови, ниту со неговите препнувања на големите црвени чевли, упорно а залудно обидувајќи се да оди по јаже оптегнато дваесетина сантиметри над земја. Неговата циркуска точка мене симболички ми беше дури трагична.
Го препознавав на улица најпрвин според ôдот и држењето на телото. Ồдот бавен, напати со несигурни чекори, а телото поднаведено. Нешто кловновско, исто како во циркусот? Да, како да одеше по јаже оптегнато дваесетина сантиметри над земја и како да ги носеше големите црвени чевли. Што, пак, беше сосема несоодветно на неговата облека. Исчекував секој момент да се препне и да се спружи на тротоарот колку што е долг.
По неколку недели циркусот го напушти градот, а јас не се ни обидов да се пресретнеме, да се запознаеме и да станеме блиски.