Ударен мебранофоничен инструмент (во западна Македонија-топан)-голем и мал. Се состои од празен валјак, преку чии отворени страни е распната штавена козја или овчка кожа. Обвивката или лубот на валјакот се изработува од ореово или костеново дрво.
Пред да се свитка во валјак, дрвото се вари. Двете кожи што ја затвораат валјаковата шуплина се затегнуваат со дрвени обрачи, обмотани со кожа. Затегнувањето се врши со канап, на тој начин што се провира наизменично под горниот и долниот обрач. Крајот на канапот се врзува со метална алка, прицврстена на лубот на тапанот.
Поголемиот тапан има пречник од 500 мм до 550 мм, а малиот од 300 мм до 350 мм.
Тонот на тапанот се добива со удирање по распнатата кожа со специјално изработени дрвени направи за таа цел- кукуда и прачка. Кукудата се изработува во форма на луле од ореово дрво, со должина од 440 мм, а прачката од дреново или врбово дрво, со релативно иста должина.
Зурлаџиско-тапанарските состави никогаш не дејствувале без тапан.
Фреските од 14. век укажуваат дека тапанот бил познат на Балканот пред доаѓањето на Турците. Некои сметаат дека постоел уште во неолитскиот период. Дали е тој пренесен во Македонија или е роден на македонско тло, точно не се знае.
Тапанот се третира како македонски народен ударен инструмент, иако е раширен и на Косово, во Србија, Албанија, Бугарија, Арменија итн.
Од прилог објавен во слободната енциклопедија „Википедија“:
„Тапанџијата го чува тапанот нарамен со ремен во малку наведната положба за да може да удира со кукудата од едната страна, а со прачката од другата. Овој начин на свирење резултира во мешавина од длабоки и високи звуци, со комплексен ритам и непредвидлив ритмички израз.
Тапанот ретко се користи како соло инструмент. Обично се свири заедно со други инструменти, особено со зурли.
Тапанот е предвиден да ја издржи тежината на возрасен човек при изведбата на народни игри и ора. Кожите се затегаат со нагорно повлекување на јажињата, едно по едно”.
Кога се зборува или пишува за тапанот како македонски народен инструмент, најчесто се приведува песната „На сред село тапан чука“:
Зурли трештат на сред село
тапан чука рум дум дум
млади моми и ергени
до две ора вијат
Оздол иде стар бел дедо
засукал мустаќи
право трга на орото
и он да се фати
Го здогледа баба Меса
дека дедо игра
Каде одиш старо аро
оро да им грдиш
Стој почекај баба
Месодо моми да играм
да се фатам до момите
срце да разиграм