Познавам човек кој преживеал последна битка за опстанок. Постојано раскажува за брзо, а неминовно исчезнување на еден мал народ на кого му припаѓал. Нагласува со тага, напати со плач во гласот, секогаш завршувајќи со длабоко жалење дека преживеал за да раскажува до смрт. Како да бил предодреден за тоа.
Накусо го парафразирам неговото раскажување:
Многу одамна, од пред векови и векови живеел еден исконски мал народ на планини со високи врвови, во нивни подножја, во ливади, пасишта, плодни ниви, крај извори, реки, езера и море. Со славно минато, познато во целиот свет, препознатлива сегашност и самобитна иднина. Плодел, раѓал, градел, создавал за човечката цивилизација, а зад себе оставал длабоки траги.
Неговиот народ живеел свој живот. Достоинствен, слободен, самобитен, самостоен, доблесен, расположен, спокоен, жизнен. Што од сегашна гледна точка е дури непојмливо, дури несфатливо, па дури неприфатливо за други. Особено соседни и подалечни народи и нации, кои напросто завидувале и атакувале на познати и уште неоткриени природни богатства со кои располагала неговата земја. Кои неголвиот народ ги користел и експлоатирал разумно, рационално, пред сè во хармонија со природата.
Постојано војувал бранејќи ги своите корени, вредности, извишувања, индивидуални и колективни идентитети. Се бранел градејќи каменити тврдини, со своја војска и свои оружја, со учење и на млади и на стари на војувачки бранителски вештини. Секој со своја улога и задача.
Зошто и како тоа тој негов мал народ неминовно исчезнал во последна одбранбена битка за опстанок? Тоа значи дека имал неколку или многу други пред неа? Од кого се бранел? И зошто човекот преживеал, е жив за да раскажува до смрт, како да бил предодреден?
Се разбира дека малиот исконски народ на кој му припаѓал имал многу одбранбени битки за оопстанок. Неминовно исчезнувал долго, со векови и векови. Доживеал последен пораз од соседи, а за интереси на силни освојувачки сојузнички нации и разнебитувачи на народи.
НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 40