Најголемите недостатоци на капитализмот

Потребно време за читање: 3 минути

Отсекогаш се воделе, а во нашево време сѐ поинтензивно се водат дискусии за недостатоците на капитализмот. Дали е можно и како тој да се подобри, надгради, макар и со прадикални промени? Или е толку назаден, декадентен што час поскоро треба да се напушти и да се замени со…?

Некои предлагаа(т) ступидарија како „капитализам со хумано лице“?!

Се чини дека надвладува мислењето оти тој не е идеален систем, но е засега единствен. Сите други во меѓувреме пропаднаа, сеедно дали беа одржливи или не. Но постојат и поединци кои бараат соборување на капитализмот и развој на нов, поправеден систем. Некои дури сметаат дека воопшто не треба да се соборува, зашто ќе се потврди предвидувањето на Маркс дека тој ќе се урне самиот во себе.

Кои се најголемите недостатоци на капитализмот и зошто од ден на ден има сѐ поголеми, дури жестоки „борци“ против него? Сѐ зависи од аголот на гледање и критериумите, но некои приведуваат неколку „општи“:

1. Нееднаквост

Откога постои капитализмот постојат и нееднаквости помеѓу богатите и сиромасите. Во некои земји тие се поизразени, а во некои со редистрибуција се ублажени. Ширум светот, во големите градови-светските метрополи на најразвиените земји на едната страна од улицата можете да видите деца како просат, а на другата има високи палати и вили во кои живеат богаташи. Бројот на сиромашните и гладните во светот се зголемува многу поврзбо одошто се зголемува бројот на жителите, а Обединетите нации, и покрај бројните напори, досега не успеаја да направат многу на тоа поле.

Приврзаниците на капитализмот сметаат дека оној што е сиромав самиот го заслужува тоа, зашто не е доволно способен и паметен. Критичарите, пак, тврдат дека оној што се родил сиромав и не успеал да си обезбеди добро образование и искуство ниту има пари за ризични инвестиции, нема можности да се обогати, без оглед колку бил способен и паметен.

Разликите не се создаваат само во рамките на едно општество, туку и помеѓу земјите. Мошне е редок случајот земја која била сиромашна да стане богата или да достигне некоја од развиените земји во богатство.

2. Загадување на животната околина

Една од маните на капитализмот е и фактот дека трошоците на загадување на животната средина се пресметани во цената на производството. Во економијата тие трошоци се познати под називот екстерни трошоци. На пример, кога една фабрика ја загадува околината, нејзе не ѝ се исплати да води сметка за тоа дали ја оштетува околината или природата. Остварениот профит би бил понизок од можниот, а компанијата секогаш може да се пресели откако ќе ги искористи сите расположливи ресурси во околината.

3. Профитот е побитен од луѓето

Можеби најголемата мана на капитализмот за која сме свесни сите е да ја поттикнува себичноста кај луѓето. Парите стануваат побитни од некои други вредности, и поради нив луѓето се подготвени да направат што било. Тоа најмногу се одразува кај големите компании кои се подготвени да продаваат опасни производи, иако знаат дека тие можат да нарушат нечие здравје. Случајот со француската компанија која продавала силикони со канцерогени својства претставува најдобар пример за тоа.

4. Недостиг на демократија

Големите компании и богатите поединци можат да ја нарушат демократијата, така што ја поткупуваат или ја плаќаат власта да се однесува онака како што им одговара нив, наместо да се однесува во интерес на сите граѓани.

5. Војни

Најголем број војни се воделе поради пари или ресурси. На пример, многумина сметаат дека неодамнешните војни во Ирак и Авганистан беа исклучиво мотивирани од нафата што ја имаат овие земји.

6. Пропаганда и реклама

За да ја остварат својата основна цел-што поголема профитна стапка, компаниите прибегнуваат кон разноразни мерки. Една од нив е и пропагандата, односно користењето на реклами што се обидуваат да ве убедат да го купите токму нивниот производ. Рекламите користат разноразни психолошки мерки на убедување и „перење озок“, а за да не натераат не само да го купиме она што ни треба, туку и она што е за нас штетно.

Leave the first comment