На сите страни

Кон каде да тргне човек
кој станал познат на сите
следен како досега
така отсега
затоа што бил и уште е
на сите страни на светот
исто меѓу страни
пред да се одлучи дали
уште да се прикажува
каков што е или како
допрва само тој може
да се препознава себеси
творец со своја мисла
и свој живот.

Смисли река во пустошна
брановита пенлива
со стеновит мост
за да може кога ќе посака
да биде ту на едниот
ту на другиот брег
да скока од него во неа
да ѝ го дофаќа дното
и да ја препливува
од изворот којзнае каде
до нејзиното понирање
во најблиска сушина.

Човек на сите страни
на светот
се мисли дека е во центар
распламтен
и дека секако ќе преживее
вековит.

ОГОН ВО ПУСТОШИЈА, Мразнина, поетска студија, 59

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.