Двајца на погребување на ближен и познајник. Што поблиску еден до друг. Шепотат меѓу долги молчења, внимавајќи да не ја нарушат тишината и да не го попречат пеењето на попот:
-Не што ми е ближен, туку навистина беше голем човек.
-Да, да. Беше човечиште.
-Жално е што толку млад го напушти овоземниов живот.
-Не успеа да ја победи болештината. Го изеде. Го исуши…Жално…На триесет и четири години…Барем децата да ги видеше иведени на пат.
-Доволно се големи за со време да не го заборават.
-Долго се познававме, но не ни успеа да се зближиме…Не разбирам зошто се толку малку на број на неговово погребување. Знам дека има бројни роднини, пријатели и познајници…
-И мене не ми е јасно…Можно ли е да не се известени?…Не е човечки…Не заслужува…
-Срамно. Ваков човек да биде испратен на оној свет од толку малку…
-А беше многу голем…Човечиште.
-Начув дека оставил таков завет…Сам направил список…Но, не сум баш сигурен. Мене ми јавија. И тебе?
-Да. Ми јави жена му.
-Ако е тоа точно, тогаш зошто?
-Кој би знаел.
-Можам само да претпоставам. Сакал да замине што понезабележливо, колку може потивко.
-Има сè повеќе такви примери. И на големи и на мали луѓе.
-Знаеш зошто? Пред сè поради човечкото лицемерие. Како последна борба против него.
-Можно е…Се расипа светов. Заминот во неврат како конечна човечка победа.
Погребот заврши,малубројните присутни полека и тивко се разотидуваат. На разделба ближниот и познајникот на умрениот доречуваат:
-Толку беше. Светов остана без уште еден голем човек.
-Без човечиште…Како да не бил…Малкумина знаат за неговите дела како траги во времево. Жално.
НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 22