26. Непотребности
Многу знам и многу не знам
за моите непотребности;
особено за оние што некогаш
не можеле без мене,
а сум можел јас без нив,
но секогаш биле времени;
значи живееле додека
ми изгревало сонце,
ми изгревала месечина,
ми зајдувале молк и збор,
ми зајдувале спокој и сон.
Многу знам и многу не знам
за моите непотребности
затоа што помеѓу нас сега,
секогаш како никогаш
и засекогаш како некогаш
се обусловености,
се навикнатости,
се едновремености
со свои своевидности.
И за мене, како за сите
со свои,
сè помалку, дури ништо
не значи дека
многу знам и многу не знам
за моите непотребности;
без оглед што и тие и јас
веќе не можеме меѓусебно
совреме да ги споделуваме
нашите секидневности.