На крстопат

Потребно време за читање: 2 минути

Двајца во длабока старост на крстопат. Како да се колебаат, како да не знаат кој пат да фатат. И патиштата и самиот крстопат пусти, без други луѓе, без сообраќај. Само тие.

-И овој крстопат пуст, без друга жива душа. Само ние со нашите.

-Чудно. Како градов да го напуштиле и старо и младо. Како да опустел светов…Нешто се случува.

-Сигурен си дека крстопатите што ги минавме и овој на кој сме се пред живот? Дека не беа и не е пред наши умирања?

-Сигурен сум дека нашиот досегашен и сегашен живот, како на сите други уште живи на светов, беше и сè уште е со, пред и на крстопати…Не сум сигурен дали овој ни е последен или по него нè чекаат уште. Ти не мислиш како јас?

-Се разбира дека мислам. Да не мислам, сигурно не би биле заедно. Но, исто така сметам дека колку има повеќе крстопати на животен пат на самотник или на двајца заедно како нас, толку е тој ем понеизвесен ем потежок. Само сети се на некои од нашите. Знаеш колку беа на број досега?

-Не знам, не ги броев. А и не сакам да се сеќавам.

-Овој крстопат мене ми се чини најголем од сите досегашни. Со многу големи и мали, долги и куси, широки и тесни патишта. Не знам за тебе, но мене ми е многу тешко да решам кој пат да фатиме…Не, не, не ми е важно дали е голем или мал, долг или кус, широк или тесен. Овојпат само стравувам да не избереме погрешен. Кој води во беспаќе или во пустелија.

-Мене ми е веќе сеедно. Ме совладува умора.

-И мене, но нема запирање. Мораме да го минеме и овој крстопат. Макар да ни е последен.

Го избираат најмалиот, најкусиот и најтесниот пат, па го фаќаат фатени за рака.      

НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 33