Откога е искачен на врв
На сон со љубов во него
Сè на сите страни му е
На доглед
Под небо до небо во небо
Над небо.
Мигум се гледа себеси
Птица небесна со големи
Раширени крилја
Која не знае ни од каде
Ни на каде полетала
Исплашена дека ни врвов
Нема да го прелета.
На доглед му се најдува
Мигум вител преполн
Со луѓе покриви од куќи
И нивни дребнулии
Од нивно доскорашно
Секојдневје
Кој како бавно
Речиси незабележливо
Иде кон него
Како да ќе мине под него.
На доглед му е цел живот
Минат во свет кој може
Бил некогаш негов
Споделен со ближни
И потомци
Сè подалечен сè поболен
Сè помртов. Откога е искачен на врв
На сон со љубов во него
Стварноста во подножјето
Како да бледнее
Како веќе да не е што беше
Со него од него за него
Само негов
Без какви било мени.
ЈАНЅИ ОД ЈАВА ВО ЈАЗОЛ, Грижен, стихозбирка, 14