Мудрување

Потребно време за читање: < 1 минута

-Со оглед на суровоста и грубоста на нашава стварност, мислам дека ова време воопшто не е за мудрување.

-Зависи од тоа како го толкуваш мудрувањето. Е како мислење, поготово како промислување, а не е како умност, поготово како длабокоумност. Јас сметам дека суровоста и грубоста, јас би ја додал и грдоста на нашава стварност, немаат никаква врска со мудрувањето.

-Ни како повик на активизам, дејствување, непомирливост?

-Мудрувањето никогаш, ни во минатото ни денес не било поттикнувачко, но секако влијаело мотивирачки и мобилизаторски врз маси. Кога е збор, пак, за индивидуата, особено за личноста, тоа може и тоа како да влијае на авторитетноста и на нејзиниот интелектуален капацитет.

-Нашава стварност како да е свесна за промените кои може да ги предизвика мудрувањето, па него просто го одбегнува. Дури настојува да го „смести“ на маргините…

-Затоа што најмногу се плаши од негова концентрација. Особено кога е збор за грубоста и грдоста.

Прочитај и за ... >>  Неуспех

-Согледуваме ли колку е моќна предводничката улога на мудрувањето?

-Секако не. Инаку би имале друга стварност…

-Во која јас и ти би се повикувале на мудроста на мудрите луѓе во минатото и денес, и би се труделе да бидеме што помудри при донесувањето одлуки и конкретното дејствување.

-Секако. Секако.

МОЛКНАТИ ДИЈАЛОЗИ, раскази, ескизи, 26