Обично, кога станува збор за сеопштиот напредок на човечката цивилизација денес или за напредокот во одделна област на човечкото битисување, на прво место, и тоа без исклучок се ставаат знаењето и искуството. Со право ли или не? Не!
Пред да го образложам мојов непореклив одговор, сакам да потсетам на основните назнаки на знаењето и искуството (може да се прочитаат во општа и специјализирани енциклопедии, на Интернет, во посебни научни трудови):
Поимното значаење на знаењето е сè што е познато. Постојат голем број теории, но не и негова егзактна дефиниција.
Во најопшта смисла, знаењето подразбира познавање, свесност или разбирање на нешта-факти, информации, описи или умеења, стекнати низ искуство или образование со помош на перцепција, откривање или учење. Тоа се однесува на теоретско или практично разбирање на предметот. Може да биде имплицитно-практични вештини или експертизи или експлицитно-теоретско разбирање на предметот, но и формално или систематско.
Стекнувањето знаење вклучува комплексни когнитивни процеси, како што се перцепцијата, учењето, комуникацијата и разбирањето. Се поврзува со капациетот на потврдување кај човечките суштества.
Во филозофијата студирањето на знаењето се нарекува епистемологија. Класичната дефиниција задоволува три критериуми: знаењето мора да биде оправдано, вистинито и веродостојно.
Од клучно значење е пренесувањето на знаењето.
Се издвојува научното знаење кое се темели на прибирање податоци со посматрање и експериментирање, како и формулирање и тестирање на хипотези. Тоа има широка примена во одделни научни дисциплини, како што се биологијата и општествените науки.
„Знаењето е моќ“ е познат афоризам на Френсис Бејкон, а првобитно бил на неговото дело Meditations Sacrae, објавено во 1597. година.
Треба да се спомне тн. несвесно знаење на каков било систематски начин, инаку пристап на Зигмунд Фројд.
Искуството го содржи стекнатото знаење. Во филозофијата е познат правецот емпиризам, кој се темели токму на искуството, а познати се термините „емпириско знаење“ и “знаење а постериори“. Лице со големо искуство се нарекува експерт.
Искуството се однесува еднакво на менталното непосредно забалежување на настани, на мудрост стекната со промислување за нив или нивна интерпретација. Дел од искуствената мудрост се собира со текот на времето, а се разликуваат различни форми: физичко, ментално, емоционално, духовно, посредно и виртуелно.
Физичкото искуство се однесува на она што е забележливо, а тоа не мора да опфаќа ментални својства, ниту ментални искуства.
Менталното го опфаќа аспектот на интелектот и свеста што се доживува како комбинација на мисли, перцепција, меморија, емоции, волја и фантазија. Ги вклучува и сите когнитивни процеси.
Најпознати емоционална искуства се заљубувањето и одљубувањето, а што влијае на изборот на партнерот. Се јавува и во контекстот на емпатијата.
Често мистиците ги опишуваат своите визии како духовни искуства, но психологијата и невропсихологијата опишуваат искуства како променети состојби на свеста поради висока температура, инфекција, менингитис, деривации на сонот, гладување, травматска несреќа и др.
Општственото искуство се формира преку многу заеднички искуства со формирање норми, обичаи, вредности, традиции, општествени улоги, симболи и јазици.
Виртуелното искуство и симулацијата се во суштината на виртуелната стварност (фантазирачките игри).
Субјективното, пак, најмногу зависи од индивидуалната способност за обработка на податоци, нивно чување и интернализација.
Во секоја општествена и индивидуална акција, во секој процес и дејствување знаењето и искуството се неминовни, би рекол природни, Но, јас ги преферирам мудроста и креативноста. Особено во општество и држава кои според сите белези, параметри и перспективи со право се назначуваат како модерни. Еднакво во придвижувањето на нивниот сеошт развиток.
Со други зборови, владеењето и раководењето односно менаџирањето со човечките и материјалните ресурси во сите сфери и на сите нивоа треба да им се препуштат на мудрите и креативните луѓе. Не само затоа што тие според својата природа, карактерните особини и творечката енергија се предводници во секоја смисла, туку зашто имаат и доблест, непоколебливост, упорност, решителност, визионерство. Антиципативните способности, секогаш придружувани од длабински согледби го дооформуваат и наметнуваат нивниот авторитет.
Еден од најважните аргументи за моево гледиште:
Знаењето е постојано и континуирано. Се стекнува во рамки на затврдени процеси и системи, а потоа постојано се надградува наспоредно со индивидуалниот активитет и индивидуалните амбиции, стремежи, достигнувања. Неговото значење, пак, најмногу зависи од динамиката на отвореноста за прием на новите сознанија, новите системи и конкретните примени.
Во природата на искуството е да го следи, поддржува и поттикнува знаењето. Тоа истовремено го богати, а неретко и го насочува. Најмногу се поврзува со времето, конкретно со годините на индивидуата, но и со генерациското и повеќегенерациското опстанување во ограничени и/или неограничени простор и време. Секогаш е драгоцено, неретко непроценливо, но може да предизвикува и сомнеж, па и да биде пречка за брзо прифаќање или привремено одлагање на неминовен процес, дејствие, промена.
Одделно за мудроста и креативноста:
Мудроста го избира она што може да се потврди како „мудрост“ точно во однос на затврдени, проверени и општоприфатени вредности. Mудриот човек е способен да промислува, но и да дејствува со користење на знаење, искуство, разбирање, разум и менталната способност. Се посочува и на вклученост на разбирањето на луѓето, на нештата, настаните, ситуациите, а едновремено подготвеност и способност да се применуваат перцепцијата и расудувањето. Важно е да се нагласи дека мудроста содржи големо, широко, длабоко знаење и можност за расудување.
Креативност е создавање нешто ново вредно, пред сè друго производ и уметничко дело. Тоа ново е поврзано со творецот, со областа во која се создава или со општеството.
Науката креативноста ја поврзува со интелигенцијата, умствените и невролошките процеси, потоа со карактерните особини, психичкото здравје; нејзино поттикнување преку образование и обуки. Креативноста и креативните дела ги проучуваат психологијата, когнитивната наука, образованието, филозофијата, технологијата, теологијата, социологијата, лингвистиката, деловните студии и економијата.
Доминантни аспекти на креативноста: процес, производ, личност и место. Концентрацијата е сè поголема на природата на креативната личност, што значи проучување на поопштите интелектуални навики-искреноста, разновидноста на идеите, слободата, стручноста, истражувањето, трагањето и сл.
ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, белешки, 115





