Како одминува времето, сè повеќе и сè почесто можеби. Тоа првин како приближување кон крајот, а потоа како релативизирање на постоењето, очекувањето, надевањето, сè до свесно или несвесно простување со животот. Можеби сè почесто и сè повеќе веројатно, сигурно, несомнено. Најмногу можеби никогаш повеќе.
Можеби никогаш повеќе заедно некое време на оној и на онаа на кои не им е времето што им било некогаш. Сè повеќе сигурно, одошто можеби. Се разбира, сосе пораз, немоќ и обземеност од малодушноста. Се нашле, се сретнале, си кажале низ што сè минале и минуваат, но ни збор за што било од она што било меѓу нив и што можело или требало да биде.
Можеби никогаш повеќе почеток на нешто што би можело да продолжи, па да се продолжи. Поготово не на слобода, ведрост, радост, исполнетост и задоволство од дружба, споделување, меѓусебно спомагање.
Под стреи на запустени огништа последни празни птичји гнезда пред долга студенина.
ДРЕБНАВОСТИ НА ДРЕБНАВ ЧОВЕК, наративна поезија, 11




