Морам да ти докажам дека и јас, Јасене Виорски, можам да ги опишам природата и твојата болест, Марија Имотска.

Потребно време за читање: 2 минути

Најпрвин треба да раскажам дека се случи нешто многу важно. Потоа да ги доведам во логичен ред љубовта и планината, сенките и поразот, па реката можеби со море. Твојата љубов и планината како освојување; нашите сенки и поразот како единствена состојба во која постојано те наоѓам; реката во Големиот град со морето во кое се разлева за да посведочи дека постоиме на овој балкански простор. А најпосле да раскажувам за тоа какво е времето, дали има сонце или ветер. Се разбира, треба да го објаснам и човекот со четири лузни на лицето. И, сега веќе можам да откријам, дека ни е време!

Замокот го измислуваме за да дојдеме до првиот ѕид.

Човекот има четири лузни на лицето уште од војната. Сè уште не треба да си сигурна дали е татко ти или Непознатиот. Нека има двојна улога. Во војната имало зими со големи снегови и мраз. Ја минувале реката држејќи се за раце и внимавале на камењата под нозете. Наеднаш водата се кренала високо и го удрила од една карпа како нож. Така едната.

Другите лузни му се од куршуми. Не чувствувал ништо. Останале само лузните. Во војната ветрот носи сè кога не го очекуваш…Прво мислел дека е доволно сокриен зад дрвото. Бев близу до него. Се плашеше. Додека го слушаше патот на куршумот го запече левиот образ. Имаше и крв. Болки не. Веројатно од зимата и мразот во реката…Потоа уште еднаш мислеше дека е доволно сокриен зад едно дрво. Повторно го запече левиот образ, близу до увото. Имаше и крв. Болка не. Веројатно од зимата и мразот во реката, кога му измрзнаа прстите на нозете, па мораа да му ги пресечат…И уште еднаш. Сега мислеше дека е доволно сокриен зад каменот што го стави пред челото. Го слушаше патот на куршумот и наеднаш ослепе од крв. Мислеше готово е, ваква била смртта. Но, го виде небото кога ја избриша од очите. Му остана лузна над десното око.

А тоа дека те следи, не знам. Можеби сака да ти раскажува за војната.

Твојата физичка болест. Откако ги изгаснавме свеќите, ова уште кога спиевме заедно во замокот на планината, ти го почна огнот, Марија Имотска. Прво во лицето, па рацете и натаму. Се обидов да ти го намачкам телото со треви, како што ме учеше старецот во колибата зад реката. Успеав само да ти го изморам и да не ме познаваш, да почнеш да бладаш од висока температура. Рече: ми пукна срцето, Јасене Виорски. И наеднаш замокот почна да се урива. Остана под карпите.

Те закопав до гуша в земја, за да ти ја повратам свеста. Немаше никакви карпи, никаков замок не те затрупа. Те оставив закопана до гуша в земја; така дури не зајде сонцето. А потоа ставив жива змија до тебе , за да те оздрави. Те оставив со змија пред планината, успеа да го замислиш тоа Марија Имотска, а сенките бараа храна за да ти го продолжат стравот!

Ако има дожд, па реката да ја замениме со море, и ветрот полека да засилува, веројатно ќе продолжам да те раскажувам како риба со убава уста и точки по телото. Каков парадокс! Нели, Марија Имотска?

Драмата заврши. Ти стануваш, па внимателно го облекуваш свечениот фустан и палтото. И полека ја напушташ сцената со спуштена завеса, полна со цвеќе.

Leave the first comment