Имаме ли модерни трговски објекти како во модерните потрошувачки општества, како на Западот? Да, имаме, а особено радува што во последниве години тие не се „концентрираат“ само во главниот град на нашава држава. Ама сепак…
Сте чуле ли за пазарување- купување како „глобална акција“? Сте се нашле, се наоѓате ли (кај нас) во таков систем или „круг“?
Да, освен купување тоа подразбира и култура, желби, мечти…Воопшто, станува збор за стил на живот.
Го собирате целото семејство и одите на семејно пазарување, во некој голем трговски центар во кој има и занималници за мали деца, кафеани и ресторани, киносала…значи, можност за комбинирање на купување со семеен ручек, забава, разонода, рекреација, култура.
Експертите по маркетинг и проектантите на трговски центри во последниве десетина години го нагласуваат менувањето на карактерот на слободното време. Тоа се случи особено со развојот на електронската трговија, односно пазарувањето он- лајн или купување седејќи дома, со едно кликнување на глувчето на компјутерот, преку Интернет да се купи саканата стока (кај нас се уште во зачеток).
Новите тррговски центри се осмислуваат и градат според моделот на американските „мегастори“. Тоа се џиновски продавници во срцето на голем град кои не нудат само стоки, туку и безброј можности за забава и разонода и многу нешто друго: мода, фризерски и козметички салони, теретани и други спортско- рекреативни занимални, цвеќарници, уметнички галерии, книжарници- библиотеки, хепенинг, културни настани, театар „пред излози“, светски настани, кулинарски новости…Едноставно, за помин на целото слободно време.
Но има и други трговски новости во овој „контекст“. На пример, купување во дом на стилист или поточно во домашен амбиент. Просторот- бутик или продавница е сосема неформално суреден, со парчиња облека закачени или распослани по сите делови од мебелот. Ви се нуди чаша чај или кафе, во друштво на убави девојки, чија единствена задача е разговори за модата и „трачарења“ за луѓето од џет сетот, шоу бизнисот, односно „високото друштво“.
Но не се само такви. Се почесто се забележуваат „футуристички“ продавници во кои си правите или ви прават „виртуелни проби“. Што се тоа? Едноставно, облекувате алишта и веднаш можете да видите како ви стојат во три димензии!
Пак мислење на експерти: новите продавници стануваат места за социјални контакти. Во нив добивате членски картички, ве вклучуваат во проекти и промоции.
До пред неколку години се одеше надвор од градот, во трговски комплекси со книжарници, кино сали, ресторани за брза храна, а во градот во посета на најнова изложба, во музеј или галерија. Сега, во големите трговски центри во градот, во „се на едно место“ клучна улога има продавачот. Тој се повеќе станува психотерапевт кој умее да го предвиди дури и она што клиентот не му го кажал. Мора да води сметка да не биде нападен и агресивен за да не го одбие купувачот, но и да умее да ги дава вистинските комплименти кои нема да звучат лажно и безлично.Се подразбира дека мора д азнае да објасни се за секој предмет што се нуди, и тоа на начин со кој ќе го убеди купувачот дека станува збор за уникатна стока.
Успешните трговци одамна знаат, и тоа се повеќе го бараат од своите продавачи, дека кога клиентот не е задоволен едноставно исчезнува без да дава објаснувања и повеќе никогаш не се враќа. Одат дури дотаму што измислуваат различни, но интересни- привлечни „форми“. На пример, на секој купувач му се дава картичка- благодарница со желби и комплименти, како и можност да користи извесни отстапки при следните купувања. По извесен период му се јавуваат телефонски за да дознаат дали е задоволен од купената стока и го канат на претставување на нов производ. Се разбира, сето тоа се прави мошне дискретно, не да излезе вршење на притисок, вознемирување, туку за него да биде пријатно. Во основата на сето тоа е почитувањето и негувањето на долга соработка.
Се поголем е бројот на продавници (во развиениот свет, кај нас се уште не) кои вработуваат стручни консултанти- специјалисти кои комуницириаат со клиентите и заедно со нив разработуваат специјални варијанти, што е потврда на почитување на нивната индивидуалност. Тие, пак, ги слушаат нивните совети и се определуваат што ќе изберат- купат.