-Мислам дека ниедна мисла не е искажана, ниту може да се искаже пред долго и опстојно размислување. Не мислам само на длабока, мудра, стручна, што иде од искуство, туку и на секоја што се однесува на што-годе.
-Јас мислам дека човек не може да не мисли. Напротив, мислам дека секој мисли и кога не мисли. Дури и кога некој не сака да мисли.
-Конкретно, мое мислење за состојбите во светот денес е дека станува збор за нов правец на развојот на човечката цивилизација. Не е тоа некаква пресвртница. Можеби е во некои сегменти, како на пример во геостратегијата и економијата, но во најголема мера е последица на повеќедецениска божемна демократија, а всушност партократија, мафијаштво, божемен слободен пазар, целосно урнисан систем на вредности и супремација на медиокритетството.
-Се согласувам. На тоа треба да се додадат бирократизацијата, личниот кариеризам, профитерството, подаништвото, клиентелизмот…
-Не смее да се заборави мимикријата.
-Долго и опстојно размислував што се случува кај нас на политички и културно-уметнички план.
-Зошто поврзани? Да не мислиш дека се обусловени?
-Да, мислам. Мислам дека политиката, чија резултанта е политичкиот плурализам односно повеќепартизмот како поголем степен на демократија, е на толку ниско, дури примитивно ниво токму затоа што културата и уметничкото творештво ѝ се сосем спротивни. Во не мала мера и спротивставени.
-Го делам твоето мислење, но јас сè уште не можам да го домислам решението; како да се надмине таа, јас бим рекол поразителна и индивидуална и колективна состојба.
-Не можам ни јас, но да размислуваме заедно колку што треба и сигурно ќе домислиме решение. Без оглед дали ќе биде прифатено или не.
МОЛКНАТИ ДИЈАЛОЗИ, раскази, 2