Минливоста пред заборав

Потребно време за читање: < 1 минута

1. Можно ли е против минливоста? Против која минливост?

Не е можно спротивставување против минливоста на животот. Која, пак, е неминовност во делот што е и директно и индиректно поврзан со трошењето на личното време. Трошење со остварување, достигнување, исполнување на нужните секојдневни потреби и обврски, пред сè како дел од навиките, но и на затврдениот, вообичаениот ритам на животот. Исто така со трошење како активност, дејствување, секојдневни установени правила и навици.

Можно е против една и единствена минливост: на личното и колективното постоење во детерминирани време и простор. Кои обично ги изедначуваме со оставањето своја трага. Ако не вонвременска, тогаш барем некое мигновено време по физичкото постоење.

Минливоста како паметење? Таа секогаш тоа. Клучна, решителна, непореклива, највредна.

Минливост највредна како паметење?! Можеби. Не сигурно? Не! Само како пред заборав. Како ненадминливост, како дел од природниот тек на животот.

Минливоста пред заборав е исто што и животот пред смртта. Крај без почеток.      

2. Како против минливоста?

Единствено: со  вредности. Пред сè со трајните дела-трајните творештва. Зарем има такви?!

Вредностите односно трајните дела-трајните творештва се на исто рамниште со минливоста како заборав. Најчесто едновремени, наспоредни, рамносилни. Два се предуслова за навремено препознавање, величање на вредноста и нејзината улога како водилка во животот, а најпрвин против минливоста пред заборав: критериум за вредното и естетското, и затврден и постојано надградуван систем на вредности.    

ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, белешки, 91