Не знам дали Клеопатра, сексот со неа и танцот со голите девојки (самовили?) на сон најмногу придонеса за промената на моето разбирање на убавината воопшто и на женската посебно, поточно на нејзината минливост; или, пак, можеби спокојот и бистрината на езерото. Сега, по толку многу векови разделени, јас од нејзината убавина, таа жива како самовила, размислувам за сите детали барајќи логична поврзаност со безвременоста на единственоста на стварниот и заумниот свет. За моето криење зад корени на вековит даб пред да ѝ излезам пред очи (криењето или вековитиот даб), нејзиното бавно приоѓање гола, свесноста за својата убавина, веселата насмевка на вљубена девојка или жена. За моментумот на светов и мојот досегашен и сегашен живот, заедно со неа дамнешна, сегашна и идна.
Се сеќавам дека ме праша пак:
-Дали сум ти убава?
Ѝ одговорив како Јас или Тој и Тој или Јас:
-Ме провоцираш? Да не ги споредувам разбирањето и прифаќањето на женската убавина во твоето дамнешно време и сегашново наше?
Мојата Клеопатра милозвучно:
-Тоа би било интересно, мој Антониј.
Реагирам:
-Јас не сум твој Антониј. Јас сум Јас или Тој и Тој или Јас…Штом ти е интересно…Твојата убавина од триесетите години пред нашата ера најмногу ја истакнуваат остриот профил; особено остриот нос, тенките усни, шилестата брада, високото чело и длабината на очите. Тоа си го докажав на себеси по нашите досегашни бројни средби.
Клеопатра рамнодушно:
-Тоа е мојата надворешна, минливата и менлива убавина…Да, да, минлива и менлива. Впрочем, бидејќи си докажан како темелен проучувач на минатото сосе сегашноста во името на иднината, сигурна сум дека ти е позната континуираната пројава на специфичности кои со време се наметнуваат како стандарди…Мислам дека е време да ја завршиме претставава на сценава на Археолошкиов музеј. Веројатно не мислиш да ја играме сè до нашата заедничка смрт.
На сцената жолт и црвен зрак наизменично се насочуваат кон Клеопатра и Марко Антониј, следејќи го нивниот дијалог. Во музејот владее тишина. Нема жив човек.
Клеопатра со бавни движења на голото стројно тело танцува околу Антониј, како во танц на самовили. Таа по долг молк:
-Мил мој Марко, јас знам дека никогаш не ти пречело и не ти пречи тоа што сум имала и имам многу љубови. Судам пред сè според заедничката грижа за нашите рожби…Затоа што нашата љубов, твојата смрт и моето самоубиство по неа се и ќе останат единствени во историјата на човештвото. Впрочем, најмногу од нив се обично сексуално задоволување на телото, без никаков допир со душата…
Јас пак како Јас или Тој и Тој или Јас, непоколебливо:
-Не знам како не ти досади да повторувам дека ти не си имала и немаш ниедна друга љубов освен мене!
Еве пак: тие за кои ми кажуваш или не ги ни спомнуваш не биле и не се твои љубови. Ти служеле и ти служат само за задоволување на обична распламтена страст….Гол, обичен, рутинерски секс. Ништо друго! Знаеш и сама дека љубовта е нешто сосем друго.
Клеопатра помирливо:
-Ти не ме разбра на нашата прва средба, на брегот на бистрото езеро, кога танцувавме заедно со самовилите и кога ти зборував за убавината и љубовта како различни нешта. Реагираше како да се спротивставувам, а всушност ја искажав мојата согласност со тебе.
Да те потсетам: ти реков, ти велам и сега дека тие може да се истовремени, наспоредни, да се надополнуваат, да си одземаат понешто една од друга, но немаат ништо заедничко. Дури неретко се спротивставени. Љубовта и убавината се независни, самостојни и самородни…до исчезнување. Тогаш ти нагласив нешто што важи и за нашиов денешен, стварен свет: личната убавина никогаш не била, ниту може да биде усогласена како со надворешноста на жената, исто така на мажот и нивните природи. Сега додавам: и со нивните клучни еднакви улоги во војна и мир.
Јас или Тој и Тој или Јас:
-Мислам дека овојпат е најдобро претставава да ја завршиме со спомнување на нешто кое допрва ќе им го претставиме на живите луѓе од минатото и денес кои се редовни посетители на Археолошкиов музеј: временоста на убавината и вонвременоста на љубовта…Допрва ќе смислуваме како. Се разбира, со постојано укажување и докажување на тоа дека убавината е минлива, а љубовта се раѓа и гасне во срцата на луѓето.
Клеопатра се согласи беспоговорно.
ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ (МОЖЕБИ ЗАМОЛК ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ), роман, 62





