20. Срце
Нема кој што не знае колку е срцето на Стојмир благородно, добродушно, широко, весело, отворено, цврсто, јуначко, па и камено. Така што нема потреба да се раскажува.
Ама откога му влезе во срцето соменение, повеќе безнадежие дека ќе го зароби осаменост во самост, тоа почна да му се кине. Некогаш мисли дека скоро ќе му се распрсне. Од каде тоа? Од замолчувањето што од ден на ден му се наметнуваше сѐ повеќе, го опколуваше, дури го попречуваше да дише спокојно. Ем го замолчуваат ем се замолчува сѐ повеќе.
Му велат да стегне срце, ќе мине, тоа е само времено. Му се случува секому во животот, во периоди кога нешто се урива, се уништува, исчезнува или кога нештата не одат на добро.
В ред, ама Стојмир има сѐ послабо срце. Да, од поодамна му е болно, а средствата што ги користи за закрепнување како веќе да не му помагаат. Некои ќе мора да ги остави оти очигледно не дејствуваат.
Од ден на ден снеможува сѐ повеќе. Дише сѐ позазбивтано, а срцето му чука сѐ позабрзано додека оди по старата врвица кон изворот што му ја лечи душата.