52. Таен
Него го знаат само два-тројца, а ни толку не го познаваат. Го знаат од прекажувања за неговите пробиви во политиката и бизнисот, особено за неговата решителност да гради кариера без никакви петна. Го познаваше единствено неговата сопруга, но и таа не беше сигурна дали сосем. Толку многу таен?
Да! За многумина просто несфатливо. Најмногу оти никако не можеа да доумат зошто и која му е крајната цел. Да предводи? Да раководи? Да биде над сите? Да стане решавачки фатор? Човек од кого најмногу зависи?
Да, ама во сенка! Да го знаат малкумина, само два-тројца, а сите да го чувствуваат. Дека е со сите, дека работи и дејствува за сите. Но можно ли е тоа, особено во времево во кое е сѐ излезено на видело, тешко дека нешто може да е долго таено и меѓу блиски и меѓу далечни?
Токму тој е примерот дека е можно! Работи и дејствува во сенка. Секогаш е кај што треба, кај што е потребен, а никој ни да го догледа ни да го препознае. Еднакво во политиката и бизнисот. Особено кога некоја состојба, ситација, нечие однесување или некој меѓусебен однос ќе се влоши и ќе изискува неминовен, решителен потег, акција, беспоговорно решение.
Не го знаеја, не го познаваа, не им излегуваше пред очи, а го чувствуваа. Сенка што не ја гледаат, а е нивна, не ја слушаат, а во нив е напати громогласна, не ја читаат, а неговите знаци и пораки им се прикажуваат испишани секогаш навреме.
Тој е во години, има искусено многу во животот, со многу и секакви последици. Има многу и секакви лузни на срцето, во душата, по телото. Многу и секакви од нив му се болни, некои непреболни. Знаењето му е големо и широко, тој вели никогаш не му е доволно, но никогаш не си дозволува да се расфрла со него. Радо му го пренесува на секој кому му треба или му го бара.
Таениот има намера скоро да им се открие на блиските и далечните? Дека во последно време им станува секидневно неопходен, неминовен, просто не можат без него? Дека сѐ поприма драматични негативни димензии, со несогледливи последици?
Нема намера! И има зошто.
Само еднаш се најде пред за него нерешлив проблем: одново да воспостави рамнотежа помеѓу потреби од дребнавости и барања на млади тие да се прифатат како дел од квалитетот на животот. Нерешлив исто како Гордиевиот јазол.
Го пресече со меч!