МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Потребно време за читање: 4 минути

52.

Ристо од Петар жив и Јасна од Спасе мртва, гола, извајана од мермер седат на клупа на најголемиот плоштад во Страдец викан „Срце“, пред неговиот бел мермерен споменик среде; висок пет метри, направен од вајари современици на Јасна, а според нејзина идеја и скица. Точно напладне. Сонцето високо. Плоштадот речиси пуст, само понекој минувач што брза да фати сенка или ладовина.

Јасна видно добро расположена, весела:

-Паметиш, Ристо мој, како го доживеа поставувањето на твојов споменик? Ми рече дека тоа бил еден од пресвртните моменти во твоето приклучение.

Ристо од Петар замислен:

-Се разбира. Се чувствував некако возвишено. Значи и јас како други видни личности во Страдец сум заслужен творец, уметник, сликар…Дека нема брзо да бидам заборавен? Не тоа. Се знае колку трае паметењето на видни…Тогаш ти признав дека ми се допаѓа, а еве и сега го нагласувам тоа. Мислам дека е едно од поуспешните твои вајарски дела.

Јасна од Спасе:

-Го споредуваш со оној мој пред твојата изложба на невидливи слики?

Ристо од Петар:

-Тие се неспоредливи…Размислувам за друго. За судбината на нашиов град. На Страдец. Неминовна како за секој друг многувековен? Запустен, пуст, речиси во урнатини. Сè повеќе иселени од него, сè помалку живи души во него. Мртви сè побројни, скоро единствени.

Замолчува. Станува, се доближува до споменикот. Стои тој пред него како мртов, речиси незабележан од никој жив. Восхитен од изразената прецизност на драматичноста на мигот на животворноста. Јасна, сè уште седната на клупата десетина метри зад него, екотно му ја кажува неговата домисла изделкана на црниот постамент, запаметена уште од времето кога беше во љубов со него како дамна мртов:

„Жив или мртов, човек кој живеел не умира, туку умира продолжувајќи да живее со своето творештво во светот на мртвите и живите, меѓу нивниот молк и нивната тишина“.

Ристо од Петар се враќа и седнува на клупата. Ја прегрнува Јасна од Спасе, воздивнува длабоко и почнува да ѝ кажува:

-Знаеш за Петра?

Јасна од Спасе:

-За Петра? Не. Некоја твоја љубов?

Ристо од Петар низ смеа:

-Ма не. Сум немал со тоа име…Мислам на градот Петра.

Јасна од Спасе:

-Се разбира дека знам. Не сум била во него, не сум го доживеала непосредно, но прилично знам од енциклопедиски одредници и Интернет. Мислиме на Петра во Јордан, некогаш главен град на Набатејското царство, жив и во времето на Римското царство, нели?

Ристо од Петар:

-Што знаеш за него?

Јасна од Спасе:

-Не разбирам зошто ме прашуваш. Од кај ти текна за него? Но добро, еве:

Археолозите откриле докази за Набатејското царство, односно за номадските Арапи викани Набатејци во вториот век пред нашата ера, до кога Петра бил главен град. Бил голем трговски центар. Бил најголем кога имал околу дваесет илјади жители. Кога Римјаните ја анексирале Набатеја, тие ја нарекле Арабија Петре.

Пропаѓањето на Петра почнува од земјотресот во 363. година. Продолжува во византиското доба, иако тогаш се изградени неколку христијански цркви, а градот е сосем запустен и напуштен во раното исламско доба. Сакаш уште?

Ристо од Петар:

-Продолжи. Те слушам внимателно.

Јасна од Спасе:

-Ме чудиш со ова. Мислам дека за Петра знаеш многу повеќе од мене и не можам да разберам каква врска има тоа со нас, со Страдец, со…

Ристо од Петар ѝ даде знак со рака да продолжи.

Јасна од Спасе:

-Добро…Три најважни нешта за градот: целиот град е изделкан во црвенкасти карпи, поради што се нарекува „Црвен град“, а пристапот води низ клисура наречена Сик; таа води директно до познатиот Ал-Казнех, за кој се верува дека е мавзолеј на набискиот крал Арета IV Филопатрис; градот е неосвоив од исток, запад и југ и е единствен меѓу Јордан и Централна Арабија; во него има бистра вода за пиење во изобилство, а има водени тунели и убави камени структури; на источната страна на котлината на Петра, на излезот од кањонот се наоѓа Казне ал-Фираун, најпознатата градба која Бедуините ја нарекуваат „Фараонска ризница“, една од многуте гробници во Петра; на патот од влезот во котлината кон центарот на Петра, на левата страна е амфитеатарот од првиот век, исто така изделкан во карпи, со 33 реда седишта и околу 5. 000 седишта; северно од него е кралскиот ѕид, а на околу половина од висината на карпата има повеќе монументални гробници една до друга. Толку. Задоволен?

Ристо од Петар:

-Сум бил во Петра.

Јасна од Спасе по малку налутена:

-Па зошто бараше од мене да ти кажувам за тој град?

Ристо од Петар:

-Знаеш за Молненик? Јас не се сеќавам дека сме биле таму заедно, ни дека сум ти прикажувал за него.

Јасна од Спасе:

-Сме биле. Си заборавил. Стар град, од дамнешното минато на Страдец.

Ристо од Петар:

-А сум ти раскажал ли за возвишението на северната страна, како меѓа меѓу Молненик и Страдец? За кое се претпоставува дека во дамнина токму на него биле гробиштата на Молненичани додека заедно живееле и умирале?

Ѝ го раскажа старото предание кое вели дека тие гробишта биле напуштени, запустени, па збришани откако по цел век не останал ни камен на камен од гробот на последниот Изгревец.

Јасна од Спасе:

-Ништо не разбирам…Го поврзуваш Молненик со Петра?

Ристо од Петар:

-Не Молненик, туку возвишението. Сум гледал резултати на некои специјални сателитски истражувања. Гробовите се исто како гробниците во Петра. Изделкани во црвена карпа! На крајот од гробиштата има клисура иста како Сик во Петра и таа е единствен влез во Страдец! Но…Нешто друго ми е на ум: запустувањето и исчезнувањето на Петра и Страдец.

Да ти предложам нешто. Имам еден многу интересен мртов пријател, Ангел од Михаил. Погребан е на Градските гробишта, во гробница во форма на кораб. Според неа син ми Јане и снаата Борјана ја изградија мојата семејна гробница-кораб…Тој повеќе ги истражувал и Молненик и возвишението. За нив знае многу повеќе од тебе и од мене. Тој ми посочи на Петра. Многу години пред мене го посетил древниот град…Договоривме по изложбата заедно да почнеме да ги истражуваме, особено возвишението…А потоа ќе запловиме со нашите гробници-кораби…Ќе ни се придружиш?

Јасна од Спасе збунета:

-Да, со задоволство.

Станаа. Се разделија.

Leave the first comment