Потребно време за читање: 3 минути

31.

Го прашувам Ристо од Петар:

-Кога сум со тебе како мртов, како нерадо да зборуваш за животот во мртвиот свет. Зошто?

Ми одговара весело:

-Не нерадо, туку нема што да се зборува за него. Малку се разликува, да не речам воопшто не се разликува од животот во живиот. Како да речам…Има повеќе формални одошто содржински разлики.

Го прашувам по малку збунето:

-Како може да не се разликува?! Кои и какви формални и содржински?

Ми одговара рамнодушно:

-Знаеш, би можел повеќе да ти кажувам за суштествени разлики во материјалниот и нематеријалниот односно духовниот живот. Кај нас мртвите материјалниот нема никаква улога, ниту значење во егзистенцијална смисла. Како што се вели, доволен ни е воздухот што го дишеме…

Му влегов во зборот изненаден:

-Вие дишете?!

Се изнасмеа:

-Хахаха! Зарем не научи досега дека со мене и да сакаш не можеш да бидеш буквален? Се разбира дека и ние мртвите дишеме воздух. Како да ти објаснам…Исто е како паднато есенско лисје. Му дошло време да престане со него да дише заеднички воздух. Велиме дека гниејќи ја наѓубрува земјата, се втопува во неа. Значи, паднато на земја лисјето не умира односно не престанува да дише…Јас сум ти жив пример за тоа. Благодарение на тоа што научив да дишам заедно со земјата, да бидам дел од неа, јас можам да бидам со тебе односно со живиот свет жив како мртов.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Неговото весело лице ми кажуваше дека објаснувањето му е забавно. Би рекол дека се шегачи. Инсистирам на сериозен разговор:

-Да го оставиме тоа. Да се вратиме на животот во мртвиот свет. Се согласувам со тебе дека не може да се нарече задгробен, но мислам дека тој сосем се разликува од животот во живот. Можеби ги поврзува верувањето, третманот на мртвите како духови, сеништа, свет на човекот и боговите…

Стана сериозен:

-Во врска со верувањето…Мислам дека раскажав нешто кога се шегачев со мојата средба и разговорот со Бога.

Не можев да се воздржам:

-Се шегачеше?!

Тој:

-Тебе тоа ти беше веродостојно? Хахаха!…Да ти кажам за постоењето на Бога. Мислам дека разбра зошто одбегнувам да зборувам и толкувам нешта од религиозен аспект. Прво, затоа што моето приклучение со ништо не е поврзано со која било религија, та да морам да се повикувам на една, на друга, на трета, можеби на сите религии наспоредно. А второ, веќе имам нагласено дека јас како уметник, како сликар живеев и живеам многу повеќе духовно. Имено, додека бев жив материјалното, егзистенцијалното, конкретно имашноста никогаш не ми значела. Дури воопшто не ме интересирала. Секогаш сум имал колку што ми требало, па и кога сум немал. Значи, секогаш ми било доволно и сум бил задоволен. Духовното, пак, за мене e…како да кажам…modus vivendi. Мислам дека е така кај секој творец, особено кога е збор за книжевник, музичар, ликовен уметник…Што се однесува на…како да ја наречам…религиската духовност, јас не сум верник или неверник. Знам дека тоа не може да се сведе на верување или неверување во Бога, но ќе го кажам она што го кажале и го кажуваат многумина: Бог е со тебе ако е тој во тебе. Ако не е во тебе, не веруваш, не можеш да прифатиш дека тој постои.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Јас продолжувам со уште едно прашање:

-Добро. А каков е животот со твоите ближни мртви во твојот гроб, во семејниот, и во другите на гробиштава? Мислам на духовното рамниште.

Ристо од Петар како со намера да го заврши разговоров, да ја заврши и оваа наша средба:

-Ех како…Како кога бевме живи. Најважно од сè: во мир и спокој. Не мораш да прашаш кого било од нив. Јас ќе ти кажам: оние што биле имашни и им оставиле имот, мало или големо богатство на потомци, значи голем дел од животот, ако не и цел во зрелите години потрошиле на борба за имање, бизнисменска, политикантска, каква-годе друга, како мртви се чувствуваат поразени од залудност; на оние што биле скромни и задоволни од постигнатото во животот спокојството сега им е најголемо богатство; а оние што како голтари цел живот мака мачеле да преживуваат ден за ден додека биле живи не им била блиска мојата духовност, а не им е баш ни сега како мртви. Третиве отсекогаш ме поддржувале и ме поддржуваат во љубовта. Тие најдобро ја разбираат како животворна. Особено непорочната.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Не сум многу задоволен од неговите одговори, но прифатив да го завршиме разговоров, да ја завршиме средбава. Следниот пат…

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here