Потребно време за читање: 2 минути

2.

Јас, Ристо од Петар, како дамна мртов најпрвин да ја расчистам дилемата или сомнежот во врска со смртта и животот (кога бев жив секогаш сè расчистував во врска со животот и смртта):

Дали смртта живее како што умира животот?

Според моето лично искуство, а тоа не е мало со оглед дека сум дамна мртов, смртта живее ако живите ѝ даваат смисла, содржина и форма. Смисла сосе минатото, какво да било, содржина без исклучок комплексна односно неповторлива, а форма што зависи од времето и годините на умрениот. Се разбира, тоа не значи дека живот на смртта ѝ даваат живите. Значи постојано присуство во животот кој неминовно умира забавено или забрзано.

Еве конкретно:

Татко ми Петар почина четири години пред мене. Ненадејно, во ран утрински час. Боледуваше долго, седум ипол години, од многу болести кои идеа една по друга и му ја ништеа снагата, му го гаснеа телото. Пред самоти смрт толку му беше смачено таквото живуркање, што во еден момент побара да му помогнам да умре; да му дадам нешто што ќе го обесвести или успие, та да не може да се поврати во живот. Неговата смрт живееше додека боледуваше и многу години по неа.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Сега, како мртви се среќаваме често и минуваме заеднички спокојни мигови. Баш како татко и син. Веќе престана да ме прекорува зошто предвреме сум ѝ се предал на смртта. Мисли дека сум можел да поживеам уште некоја година. Најмногу зошто живеев непотребно толку стресно.

Мојата животна сопатничка, Јасна од Спасе, живее сама, а ѝ дава смисла на мојата смрт нашата неугаслива љубов сосе минатото. Без наша рожба, но со дела во кои се вградивме заедно; јас како сликар, а таа како вајар. Токму тие се содржината на мојата смрт што живее и на нејзиниот живот што умира. Формата, пак, е слична како моите чести среќавања со татко ми Петар во светот на мртвите: спокојство над немир и возбуда, меѓу промените на времето и годините кои не нè засегаат, ниту дозволуваме да влијаат на нас како било.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here