Дескриптивноста заморува!
Сега ни е потребно да измислиме еден како пријател за да можеме да објасниме уште некои настани меѓу нас, Марија Имотска.
Дали го замислуваш нȇм? Кој знае многу и повеќе од нас? Или не знае доволно, па ќе треба да му докажуваме, а тој само да нè следи?
Тој ќе биде наш пријател, пред сè. Ќе биде со нас во неколку разговори за да го засилиме дејствието и да не остане ништо недокажано. Повеќе ние ќе му кажуваме, а тој ќе молчи подолго и ќе се брани ако треба. Ќе негира, ќе приговара. Ние ќе мораме да го совладуваме!
Ако не ни успее, Јасене Виорски?
Тогаш ништо. И онака овде му даваме само епизодна улога. Малку од нас, додека ни треба, а потоа ќе го снема.
В ред, ајде да го претставиме.
Му се допаѓа ваква игра. Сега треба да го измислува, да го прикаже пријателот пред неа, и тоа од оние што ги познава. Таа останува сериозна, мисли уште една негова итрина.
Дозволивме и ние со децата да летаме за да бидеме сами кога ќе посакаме да спиеме заедно. Сега измислуваме друг само за да го продолжиме времето, ништо да не остане недоречено. Сакаме ли така, Јасене Виорски?
Тој, на пример, се вика Е.К. или В.С., и мора да биде со иницијали оти за нас си останува анонимен, измислен, без дух; си останува сосема епизоден оти ќе трае мошне кратко, колку да го одминеме; оти одамна сме го совладале, минорен е. Воопшто не ни е интересен, ниту може да нè засега неговата иднина. Тој воопшто не го заслужува нашето внимание, а го измислуваме само како фиксација!
Продолжи, се весели Марија Имотска.
Тој, на пример, пишува песни, а не е поет. Тој смета дека неговите стихови имаат вредност, носат некои универзални пораки, дека се мошне оригинални. Полни се со слики и затоа мисли дека се убави. Имаат мудрост. И го чита само она што му треба за нив, да биде сигурен дека ја има. Познава многу работи, има достоинство, духовит е. Избира зборови кога одговара. Позитивно е тоа што умее да дослуша докрај. Но не сите. Само оние со кои може да манипулира, да ги злоупотреби! Доволно е, Марија Имотска?
Ако ти мислиш дека не треба повеќе, в ред. Можеме да продолжиме. Сега да почнеме со објаснувањата.
Не така наеднаш и не толку наврапито, Марија. Сè одвреме-навреме! А продоложуваме по годините…Децата се сега поголеми, летаат сами. Ние сме само некогаш со нив. Имаме повеќе слободно време и спокојство.
Седеа на брегот, а пред нив сонцето тоне во Морето.