Никогаш да не се заборави почетокот на сонот.
И на крајот. Во будењето.
Конечно решавам да ја материјализирам сопствената деструкција. Моето јас во неа, нејзиното во мене. Јасно, ми требаше долго време за премислување. Најнапред да ги разрешам секојдневните банални дилеми: дали да почнам, што оти ќе почнам, што ќе биде после, како ќе биде, време ли е, што ќе излезе од сето тоа, зошто? Ќе го задржам ли на тој начин интегритетот на сопствените немири?
Ја прифаќам и единствената логичка постапка: ќе го следам нејзиниот ден заедно со мојот.
Да, вака речено тоа звучи прилично апстрактно, не како вистински почеток. Но сепак, нека е така. Ќе ја менувам, ќе ја скусувам и оддолжувам нејзината заедно со мојата ноќ. И тоа докрај! До последниот атом на мојата и нејзината енергија.
Добро, се согласувам, не мора никој да ме предупредува. Нема да биде како исповед за други, ами како состојба во која мигот трае колку што трае. Никогаш повеќе, никогаш помалку. Тоа во редот нема да измени ништо. Тој е веќе воспоставен и е сосем сеедно што ќе излезе на крајот. Освен дилемата: дали крај или почеток?
Животот го движиме по една насока и никогаш не сознаваме дека конечно сме го совладале. Можеби во смртта како негово продолжение, како долг последен здив.
Сеедно, си велам. Конечно решавам. Моето Јас во неа, нејзиното во мене. Како разоткривање, како бесмислена драма на егзистенцијата. Сопствено уништување! Непрестано сомневање!
Сеедно, ѝ велам. Ти мораш да се случуваш во секое годишно доба, ѝ велам. Јас со тебе истовремено! Со почетокот како крај!
Наутро ги чекори улиците на Големиот град со некое чудно спокојство. Можеби тоа најточно би го дефинирал вака: чекорење од сон почнато, на сон оставено. Токму така! Како да не ја допира земјата, чиниш ќе летне секој миг, во секој нареден чекор. Како постојано присуство во сенките на други луѓе, на оние што минуваат крај неа и на оние што ја одминуваат одбегнувајќи го нејзиниот поглед. А таа загледана во некоја празнина што се обидува да ја совлада. Таа празнина е во мене, ја чувствувам како расте и ме совладува. Го надитрува нејзинот обид. Да! Таа се обидува да ја совладува како да е болест која ѝ го разјадува срцето, а тоа го прави сосем несвесно и едноставно: чекорејќи ги улиците на Големиот град со некое чудно спокојство.
Не оти е убава и не оти е млада. И не од љубов ѝ го мерам телото. Со сопствениот здив и со допирот на моите прсти. Од лицето, вратот, градите, долгите нозе, ноктите на ножните прсти. Без никаква возбуда! Сосем природно, само за да ја скротам. Да си го скротам огнот, и нејзиниот. Бесмислено? Се согласувам, но во секој случај автентично!
Ние сме заедно, ѝ велам.
Заедно сме уште пред разденување, ми вели.
Пак се навраќам на нејзиното чекорење. Во него почетокот. Некакво достоинство во нејзиниот ôд. Исправена пред денот и времето. Сигурна дека никој не може да ѝ остави ни трага на лицето, во очите. Во нив спокојството, фиксирано во една светла точка. Некогаш и радост во неа. Констатација точна и недвосмислена. И мошне конкретна!
Не ги паметам ни татко ми ни мајка ми. Уште како дете сум ги заборавила, вели. Веројатно и тие мене уште оттогаш. Веројатно уште како бебе. Не требало да се родам! Така ми раскажуваа во домот. Не требало да фатам време. И затоа ти велам: во почетокот е мојот крај. Како кај Елиот, вели.
Не сум само јас со таков почеток.
Ги има уште многу на светов, не треба да ми кажуваш. Но мора да има и нешто според редот. Во она што ми се случило и што ми се случува, ми вели.
Што ти се случило?, ја прашувам.
Сакаш да ти раскажувам? Што оти ќе слушнеш? Ми раскажувале како дете дека мајка ми паднала од воз или некој ја турнал. Сеедно. И не била како што треба. Смешно, нели? Сигурно не била кога ме оставила во пелени цела ноќ пред домот. А јас ни година. Велат била убава. И тој, татко ми ја сакал, ама немал намера животот да си го проживее со неа, ами само онака, на минување како што се вели.
Зошто ми се смееш? Чудно ти е како раскажувам? В ред, точно е, не внимавам на зборовите, не ги одбирам. Па што?
Мислам дека е уште жив, татко ми. Мислам дека сум го сретнала два-три пати. А тој не ме познава. И не треба.
Здивнува и замолчува.
Наутро ги чекори улиците на Големиот град со некое чудно достоинство, како почнато од сон. Можеби на сон оставено. Нејзиното чекорење како точно предвиден ритам и ѕвон, како освојување.
И забележувам еден обичен стих за неа. Веројатно некаде веќе прочитан:
Во секое годишно доба сонцето ѝ подава рака.