Потребно време за читање: 2 минути

Динамиката на нашите промени

Сега треба ти да продолжиш. Според редот на нештата, се обиде да ѝ го прекине молчењето.

В ред, нека биде така. Знам што очекувааш од мене, му успеа на Јасен Виорски. Знаеш, Јасене мој, мојата работа не е којзнае колку интересна. Обична е, банална. Малку напорна, но ништо не менува ни во мене ни во мојот свет. Се разбира дека ми пречи бучавата на машините, ама веќе навикнав. Го прифатив нивниот ритам. Сеедно ми е дали ги слушам или не.

Во еден напорен ден, со полни раце работа, за да стасаме навреме со испораката во Америка, повторно нè посети тој! Го сретнав! Луѓето околу него, сè раководни, му го објаснуваа процесот на работа, нашето успешно работење, високата продуктивност; нашите просечни плати, високата доходност; општествениот стандард, проблемите од објективен карактер поради кои правиме неминовни загуби; хроничен недостиг на репроматеријали бидејќи се од увоз, потребни се девизни средства за набавка, а тешко ги обезбедуваме навреме и не ни се доволни; се нема каде, општеството мора да ни помогне; можеби да се распише самопридонес или општ заем што не е најприфатливо во сегашнава економска ситуација, но решение мора да се најде…Тој слушаше внимателно. Кимаше со главата како да му е сè јасно и познато. Наеднаш запреа пред мојата машина. Директорот покажа на мене и ме претстави како најдобар работник во погонот; повеќекратен ударник, со солидна заработувачка, пример за сите. Тој прво се насмевна, ми пружи рака, му ја прифатив и…Видов како почнува да смалува, како се топи!

Прочитај и за ... >>  Сè во свое време, забележува Јасен Виорски. Времето почнува, забележува Марија Имотска.

Драго ми е што го слушам тоа за неа. Таа е моја ќерка, мојата голема тајна! Таа можеби не го знае тоа, дури сега слуша. Не знам и дали разбира. Веројатно ќе ме обвинува, но веќе ништо не можам да сторам. Животот е таков.

Се насмевна, си стави маска на лицето и ја продолжи прошетката по погоните.

Потоа ме повикаа, како претставник на сите работници, да присуствувам на свечениот ручек. Одбив! Не сакав да го видам уште еднаш, Јасене Виорски. Не сакав!…И не го видов. Никогаш повеќе.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here