МАРИЈА И ЈАСЕН, роман

Потребно време за читање: 2 минути

ПОСЛЕДЕН ДЕТАЉ

Минливоста на нашето тело…

Ете така. Како ништо да не се случило, а знаеме дека се случи многу. Нешто намерно, нешто поради друго, нешто како повторување за да се запомни.

Колку си ироничен, колку си исплашен, Јасене Виорски. Те мачи прашањето: бевме ли премногу површни или толку колку што ни требаше за да го поделиме нашето време? И доволно се откривме, нели? Сега си го поставуваш и прашањето: дали вакви ќе можеме да се одбраниме пред светот?

Ни останува уште последниов детаљ. Само уште некоја епизода од големите настани. На пример, онаа со очите. Се сеќаваш ли како се најдовме јас и ти, Марија Имотска?

Веќе не помнам што баравме јас и ти на скалите. Одамна беше. Помнам само дека прво ги качувавме, а после брзо ги слегувавме. Можеби бегавме од некого или од нешто. И јас и ти. Во куќата беа дојдени да ја претураат. Одеа од соба во соба, а ако некој не им ја отвораше вратата тие викаа и ја кршеа. Тоа беше војна во Големиот град. Скалите беа широки и двапати свртуваа налево. Сега си спомнувам: обајцата бегавме за да не нѐ откријат.

Твоите очи прво минаа кога се качував. Ги видов и продолжив како да не ги видов. Ги видов и продолжив. Сигурно ме препозна, си реков.

Тоа првиот од последните детали. Вториот?

Твоите очи запреа кога слегував. Ги видов и продолжив. А помислив: сигурно ме препозна.

По колку години успеваш вака точно да се сеќаваш?

Тоа е од последниот детал. Тој секогаш останувал во мене. Како резултанта, би рекол како финале! Со него помнам и сѐ друго.

Кога сега би почнале одново, дали сѐ би било друго?

Сигурно не со толку трансформации на реалното и иреалното, на стварноста и сонот. Ти како да не сакаш да прифатиш дека ни успеа да им ги скршиме, да им ги избришеме границите.

Можеби имало работи што не требало да се случат, Јасене Виорски. Настани што сме можеле и да ги одминеме, да не им обрнеме никакво внимание.

Затоа што имало и било друго време, Марија Имотска. Во минатото и сегашното, а идното во минатото. Или како што си расположена, така да прифатиш.

Го баравме поразот во осамата! Во сето она што е за нас страшно конкретно, како што би рекол Чеслав Милош.

А кругот ту се собираше, ту самиот распукнуваше. И тогаш се гледавме како во искривено огледало. Како да летаме во празен простор.

Поразот ни е во осамата!

Рековме порано и продолживме.

Присуство на смртта?

Овде некаде е крајот. Ме напушташ, Јасене Виорски, ме напушташ. Се напуштам и себеси. Мојата последна издишка!

Ете така. Исчезна немирот во тебе, Марија Имотска. Ги прифаќаш нештата такви какви што се. Немаш повеќе сила ништо да менуваш.

Предоцна е, Јасене Виорски. Немаме време! Полека ме напушташ…А сети се дека конечно, не случајно избравме:

Никогаш не се враќам онаков каков што сум заминал.

Не случајно го избравме токму тоа од Сенека. Да ни ги најави и да ни ги заврши промените, настаните и сонот. Ги прикажавме твоите и нашите последни детали, и тоа е сѐ. Тоа е сѐ, Марија Имотска. Нема повеќе!

И да нема, Јасене Виорски, да нема. Па сепак, макар уште ова од Сенека. За времето што си го оставаме само:

Еден дел од времето ни се отима, еден дел пак незабележливо ни бега, а еден дел едноставно ни се оттргнува од раце.

Твојот последен издив, Марија Имотска. Нашиот последен молк!

Leave the first comment