Македонските ора

Потребно време за читање: 3 минути

Македонските ора се многубројни, а називите им се изведени од имиња на места, лични имиња, занаети, животни, инструменти, видот на играта, начинот на држење при играњето и обичаите.

Една утврдена односно стандардна поделба на македонските ора е според регионите во кои се создале, им припаѓаат или се негуваат од дамнина до денес: западни, југозападни, јужни, северни и источни. Тие меѓусебно се разликуваат според стилот, кореографијата и обиачите што ги придружуваат. Ората може да бидат отворени и затворени, а играчите се држат за раце, за рамења или појаси, под рака или со рацете свртени надолу. Сите учесници во нив играат на ист начин, освен челниот и последниот кои можат да изведуваат додатни чекори и движења. Обично се вијат на десно, но има и ора што се вијат на лево. Придружени се од народни инструменти- гајда, зурла, тапан, кавал, тарабука, дајре, ут. Постојат и тн. градски ора што ги придружуваат чалгиски дружини, а во кои се застапени виолината, кларинетот, утот, лаутата, канонот и дајрето.

Македонските ора изобилуваат со кореографски движења- полу-свртување, клекнување, потскокнување, подрипнување, трусање, вкрстен чекор, страничен чекор, играње на колена и др. Промената на ритамот се јавува кај повеќе ора, и тоа обично од бавно кон брзо.

Најчести ритми се: 2/4 и 7/6 (3,2,2), (3/4, 3/8, 4/4, 6/8, 5/16 (2,3), 7/16 (2,2,3), 8/16 (3,2,3), 9/16 (3,2,2,2), (2,3,2,2), 11/16 (2,2,3,2,2) и (3,2,2,2,2), 12/16 (3,2,2,2,3), 13/16 (3,2,3,2,3), 18/16 (2,2,3,2,2,2,3) и 22/16(2,2,3,2,2,3,2,2,2).

Најголеми презентери и афирматори на македонските ора се културно- уметничките друштва односно ансамбли, а предводник, „амбасадор на македонскиот флоклор во светот” е секако ансамблот за народни игри и песни на Македонија „Танец“. Токму од веб сајтот на овој ансамбл ги користиме описите на попознатите и поспецифичните ора (со многу оригинални, единствени елементи).

Копачка

Изворно, машко соборско оро со трудов карактер. Има четири основни ритмички и играчки целини: Шетаница, Ситно, Префрлачка и Копачка, кои на знак на ороводецот се менуваат и се повторуваат. По карактер брзо и темпераментно, „Копачка” е оро што го доловува обработувањето на земјата, копањето и риењето.

Женско чамче

Соборско женско оро кое припаѓа на типот ора наречени „Чамчиња”. Ваквите ора започнуваат бавно, достоинствно и слободно, со смирени чекори кои во вториот, ритмичен дел се забрзуваат. Орото се придружува со Чалгиски оркестар кој им дава посебна убавина на движењата.

https://youtu.be/iiIzc_3RxfU?t=8s

Чифте чамче

Старо македонско оро од битолскиот регион кое стилски припаѓа на типот на тешки ора, а жанровски на таканаречените чамчиња кои се играат низ цела етничка Македонија. Играта изобилува со архаични елементи, со одредено ориентално влијание кое најпрво се препознава во самото име на орото.

Егејско

Инспирирано е од богатиот играорен и музички фолклор на Егејска Македонија- Костурско. Низ карактеристичните женски ора Бајраче и Женското и машкото оро едноставно наречено Машко, впечатлива е елеганцијата и грациозноста на играњето, но и на носиите. Постановката започнува со карактеристичната Костурска песна „Мори одајо шарена”, а завршува со веселото и разиграно, но повторно грациозно мешано оро „Кршалми”.

https://www.youtube.com/watch?v=mEfe7vz2-hI

Невестинско

Малку стилизирано од оргиналното женско оро,пандан на машкото оро „Тешкото“,кое потекнува од мијачкиот крај на западна Македонија. Овде е јасно покажана достоинственоста,гордоста и убавината на македонската невеста. Освен едноставноста во чекорот,стилот на играње и пребогатата носија оставаат длабок впечаток.

Калајџиско

Инспирирано од калајџискиот занает во Македонија. Низ весела и динамична игра се прикажува овој занает особено познат во Велес и неговата околина, од каде се земени и основните чекори.

Драчевка

Опфаќа карактеристични песни и игри од скопската околија,низ кои се прикажани динамичноста и веселбата на средселските собори од овој регион.

Мариовска тресеница

Женска игра по потекло од Мариово, инспририрана од обичаите кои жените ги вршеле на Чисти Понеделник, пред велигденските пости кога се чистела целата куќа.Посебно импресивен дел од постановката се оргиналните богати носии од мариовскиот крај, како и музиката која ја изведува чалгискиот состав.

https://youtu.be/QebThR2Qr2I?t=6s

Русајлии

Претставува обредна игра карактеристична за гевгелискиот регион, и тоа само во време на таканаречените Некрстени Денови, помеѓу Божик и Бадник. Русајлиите одат наоколу облечени во црно, грижливо заштитени од лошите и зли духови. Играта е длабока и симболична и претставува борба со злото, бранејќи ги луѓето и Земјата.Се одвивала пред секоја куќа со болни, во секое село. За општо добро, била пораката на оваа единствена машка игра. Собраните пари и подароци биле наменети за добродетел на селото, за цркви, болници и сл. Специфични се носиите, со голем крст околу вратот, за заштита. Ако се сретнеле две групи на Русајлии, се случувала борба и судар до смрт. Ако успеале некако да се договорат, послабиот проаѓал под мантијата на посилниот.

Leave the first comment