Македонскиот говорен јазик и странските зборови и изрази

Македонскиот говорен јазик и странските зборови и изрази

Кога зборовите звучат туѓо, а ние се правиме дека не е така

Ајде да зборуваме искрено. Во македонскиот говорен јазик одамна и премногу често намерно се вметнуваат странски зборови и изрази. Намерно – затоа што случајно не е можно. Ги слушаме секојдневно, ги повторуваме автоматски и се убедуваме дека звучат „попаметно“, „попрофесионално“, „помодерно“. А вистината е поедноставна и помалку удобна: голем дел од тие зборови по својата природа не можат да се вклопат во нашиот јазик. Не звучат наше, не дишат македонски и не комуницираат со слухот и чувството на јазикот што го носиме од дома.

Зошто „бенчмарк“ никогаш нема да биде наш

Еве го најчестиот пример што и денес, во 2026 година, се користи без размислување – „бенчмарк“. Збор што структурно не се согласува со македонскиот јазичен систем, со натрупани согласки, без природен ритам, премногу туѓ за да се „вгради“. И што е најиронично – за него одамна постои наш збор со исто, а дури и попрецизно значење: одредница. Збор што е јасен, звучен, македонски и разбирлив. Но, очигледно, не звучи доволно „страно“ за да остави впечаток.

Македонскиот јазик како жива материја, не како музеј

Да се разбереме. Како и секој друг јазик, и македонскиот подлежи на влијанија од други, особено од тн. „големи“ јазици. Тоа е природен процес. Јазикот е жива материја, не музејски експонат. Тој треба да се богати, да се отвора за нови зборови и термини, особено од компјутерскиот и дигиталниот свет. Но разликата е суштинска: едно е да прифатиш нов термин затоа што нема соодветен превод, а сосема друго е да оттурнеш постоечки македонски збор само затоа што странскиот звучи „пофенси“.

Прочитај и за ... >>  Од класици до класицизам

Странски зборови што звучат „учено“, а зборуваат празно

Некои зборови се користат не за да се прецизира мислата, туку за да се замагли. Да звучат посериозно од што навистина се.

Осцитација е убав пример. Наместо едноставно да кажеме проѕевање, дремење, немарност или тромост, ние избираме збор што повеќе крие отколку што објаснува. Во пракса, често го користат оние што во разговор со помлади од себе немарно учествуваат, постојано проѕеваат и од високо демонстрираат лажна отменост. Оттука и значењата што се лепат за зборот: потценување, гледање од високо, изигрување господство.

Реверенција, пак, не е ништо друго освен почитување. Длабок наклон. Клањање. Но кога ќе се изговори вака, странски, звучи побитно отколку што навистина е.

Интуиту значи едноставно: со оглед дека, во однос на. Посесивен – присвоен, оној што означува поседување. Махерај е ујдурма, измама, вешто изведена работа на туѓа штета. Фриволност е раскалашност, лекомисленост, дрскост, безобразлук, а понекогаш и чиста ништожност.

Прочитај и за ... >>  Македонија во средниот век - идентитет, Самоил и историски контекст

За значењата и потеклото на ваквите поими може да се погледне и Толковниот речник.

Кога сè ќе се нареди, пораката станува јасна

И еве, кога овие зборови ќе ги наредиме во еден „учен“ ред, добиваме порака што звучи важно, а всушност е сосема едноставна:

Интуиту осцитацијата ти е дел од махерајот, немам реверенција спрема тебе. Едно оти се покажа како мошне посесивен, а друго поради фриволноста што во меѓувреме ја докажа.

А преведено на нормален, жив македонски јазик – пораката е јасна и без маски.

Зборовите како избор, не како алиби

На крајот, сè се сведува на избор. Дали зборуваме за да нè разберат или за да се сокриеме зад зборови што звучат поголеми од нас самите. Македонскиот јазик има доволно сила, длабочина и убавина. Прашањето е само дали ние имаме доволно храброст да го користиме.

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.