Станува збор за мошне студиозен хронолошки след на развојот на театарот во Македонија во еден мошне долг временски период-од античкото време до конституирањето на македонската држава во 1944. година, која се означува како година на појавата на современиот македонски театар.
Ристо Стефановски: „Театарот во Македонија“, Мисла, Скопје, 1990.
Тоа го потврдуваат одделните поглавја: „Античкиот театар на нашата почва“, „Театарската уметност во византискиот и старословенскиот период“, „Театарот за време на турското владеење“, одделно поглавје посветено на Јордан Хаџи Константинов-Џинот и училишниот театар, за театарот во манастирите.
Театарот во периодот на Балканските војни и по нив е разработен преку дејноста на театрите во Скопје и Битола, а периодот помеѓу двете светски војни во поглавјата „Театарот во Штип помеѓу двете светски војни“ и „Аматерската и полупрофесионалната дејност меѓу двете светски војни“.
Не помалку интересни се и поглавјата за патувачките театри, за законското регулирање на статусот на уметниците од 1918. до 1941. и за бугарските театри во Македонија.
Книгата е збогатена со автентични фотографии од најразлични периоди и богата документација.
Историографскиот труд на Ристо Стефановски континуирано го привлекува интересот не само на оние што се занимаваат со театрологијата и театарските збиднувања во Македонија, во минатото и денес, туку и на љубопитниот почитувач на книгата кој постојано го проширува својот светоглед, постојано ја збогатува својата информираност за сето она што претставува национална и универзална културна придобивка. А театарската уметност, напоредното создавање на драмското творештво и неговата верификација на сцената, сигурно е еден од стожерите на македонскиот културен идентитет.
Користејќи го кусиот предговор кон книгата на Ристо Стефановски, во неколку реда ќе го нотирам развојот на театарот во Македонија онака како што е обработен во мошне обемниот историографски труд „Театарот во Македонија“:
Длабоки траги во животот и културата на племињата што ја населувале античка Македонија оставале Дионисовските баханалии и театарски претстави на древна Елада. По елинскиот и илиро-тракискиот период, повеќевековната римска доминација во Македонија го наметнува римскиот театар кој своите претстави ги изведува по амфитеатрите во поголемите градски населби.
Со прифаќањето на христијанството настанува нов период, нова култура, ослободување од древното предхристијанско наследство и навлегување во нашето народно творештво на обредните игри што ги исполнувале бабарите, кукерите, русалиите и други.
Во текот на петвековното османлиско владеење, се до крајот на 19. век, познати се патувачките карагози и медахи: карагозот е нешто како кинескиот театар на сенките, а медахите на мали камерни театри.
Македонската културна преродба во 19. век ги бележи првите обиди за надминување на ваквата состојба со употреба на народниот говор во театарска смисла. Најкарактеристични се тн. училишни театри и големата севкупна културна дејност на Јордан Хаџи Константинов-Џинот-педагог, филолог и драмски писател.
Почетокот на 20. век ја бележи појавата на основоположникот на македонскиот театар „Војдан Чернодрински“.
Потоа настанува еден трагичен период за Македонија-Балканските војни и периодот по нивното завршување, со нејзиното распарчување. До Втората светска војна, речиси цели три децении во Кралството на СХС, официјалниот театар изведува класичен европски драмски репертоар, и подреден на асимилаторската политика на национално обезличување на македонскиот народ. Но, тоа е и период на борба за самобитност, кога цела генерација автори започнува да пишува на мајчин македонски јазик: Марко Цепенков, Никола Киров-Мајски, Антон Панов, Ристо Крле, Васил Иљоски и други.
Во меѓувреме Стефановски го продолжи своето големо историографско дело. Во 2006. излезе двотомното издание „Театарот во Македонија (1963-1967)“ и истоимената книга со поднаслов „Подемот на театарот (1968-1971)“.
За театарската хронологија режисерот Владо Цветановски ќе забележи:
“Ристо Стефановски поминува низ точките на историјата на македонскиот театар, не обидувајќи се да ни го раскаже неискажливото чувство за одредениот сценски настан, но грижливо ги опишува специфичните околности кои довеле до одреден сценски резултат. Низ податоци, факти, низ општествени превирања, низ драматичните мигови заробени во фотографии, низ реакциите на официјалните рецензенти, на цензорите во партиските ќелии, на верификацијата на настанот низ бројот на гледачите… Нам како на читатели на оваа хронологија ни останува вообразбата, моќта за претпоставка, ако сакаме да дознаеме каква била емотивната енергија што одредениот театарски настан го произвел кај гледачот…“.
Според драмскиот писател Јордан Плевнеш, Ристо Стефановски, кому театарот му е животна преокупација, претставува еден од најнеуморните трагачи по убавините на оваа уметност, уште од најстари времиња присутна на оваа почва. Својата одисеја на систематско истражување на театарот тој ја има почнато одамна, а од неа резултираат хронолошки трудови за театарот од најстарите времиња, преку антиката, Рим, Византија, Отоманскиот период и зачетоците на битовата драма, па се до современите тенденции во македонскиот театар.
За Ристо Стефановски:
Доајен на македонската театрографија, драмски и филмски артист, роден на 5. декември 1928. година во Скопје. Завршува Државна средна театарска школа во Скопје (1949), а дипломира на Факултетот за драмска уметност во Белград, отсек организација (1974). Бил артист во Драмата на Македонскиот народен театар (1951-1957), директор на Куклениот театар кој прерасна во Младинско-детски, а потоа на Драмски театар (1957-1983), и генерален директор на Македонскиот народен театар (1983-1988).
Членувал во жирито на Фестивалот Стериино позорје (1988/89) и на Фестивалот Мали и експериментални сцени Сараево (МЕСС, 1990). бил претседател на Интернационалниот театарски институт во Македонија (1994-1996) и на Советот на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ (1995/96).
Учествувал со споредни улоги во македонските филмови „Волча ноќ“, „Мис Стон“, „Македонска крвава свадба“, „Републиката во пламен“, „Најдолгиот пат“, „Исправи се, Делфина“ и др.
Стефановски е основач е и главен уредник на македонското театрско списание „Театарски гласник“ (од 1977).
Автор е на книгите: „Театарот во Македонија“ (1976); „Театарот во Македонија од античкиот период до 1944 година“ (1990); „Од Хераклеја до народен театар во Битола“ (1994); „Театарот во Македонија – од партизанскиот до Младинско-детскиот“ (1998); коавтор е на трудовите: “30 години Драмски театар“, „Летопис на МНТ 1945-1995“ и на други трудови од областа на театарската дејност.
Пасиониран собирач и сопственик на импресивен театрографски материјал кој ги реферира настаните од повеќе од еден век македонска театарска историја (текстови, програмски листови, фотографии, плакати, написи). Од 1945 година води дневник за театарот и настаните во и околу него.
Добитник е на значајни национални награди-награда на град Скопје „13 Ноември“, „Стериина награда за животно дело“, „11 Октомври“, „Војдан Чернодрински за животно дело“, „Климент Охридски“ (1999).