Маѓепсник

Јанѕи од јава во јазол

Во миг го виде светот во кој е
А по него виде друг во кој не е
Исто како да не биле никогаш
Ниту еден за друг
Ниту еден во друг.

Тоа го може само маѓепсник
Докажувајќи дека тој постои
Влевајќи му верба токму нему
Дека ќе постои уште долго
Сè додека некако како било
Не го разврзе јазолот од јавата
Која не може да напредува
Кон други знајни и скрити
Без неговиот внатрешен.

Тој го сретна маѓепсникот
На извор
Како го измива лицето од бои
Што се разлеваат на сонце
Пред него како човек
Обеснажен од навалици
На сегашна неизвесност.

Откога го сретна на извор
Последен непресушен
Тој не може да го убеди
Дека не го смета за случаен
Ниту ненаден
Туку му излегол пред очи
За да му ги посмири јанѕите
И да го види светот во кој е
А по него друг во кој не е
Исто како да не биле никогаш.

Прочитај и за ... >>  Алчност/Лакомост

ЈАНЅИ ОД ЈАВА ВО ЈАЗОЛ, Грижен, стихозбирка, 10

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.