Луња

Јанѕи од јава во јазол

Се задала негде луња некоја
Негде далеку негде најдалеку
Сè до празнина без жива душа
Да изгони во бестрага сè што
Уште останало пред сега
За некое инакво постоење
На неизбришливи траги.

Се задала како да е последна
Од многуте последователни
Што се случија ненадејно
Од небо и море од под земја
Та збришаа секаква смисла
На сомнение или надевање.

Се задала со сета сила
Од тишини без сенки
Замолкнати засекогаш меѓу
Едни и други премрежиња
Пред конечно да исчезнат.

Се задала негде луња некоја
Негде далеку негде најдалеку
Па еве ја дојдена да трае
Сè додека сонце не угрее.

А нема да угрее ни месечина
Меѓу ноќ и утро скрвавена
Од бој на соништа со сеништа.

Луња некоја молскотна огнена
Луња како да е за навек.   

Се задала луња во празнина.    

ЈАНЅИ ОД ЈАВА ВО ЈАЗОЛ, Превирања, стихиозбирка, 30

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.