-Можете ли да ја опишете љубовта во два-три збора? На пример вашата?-го прашувам брачниот пар Каменоски кого го познавам повеќе од три децени. Не ги изненади моето прашање затоа што се веќе навикнати да ги прашувам за нешто што е обично, секидневно, а истовремено предизвикува различни одговори во различни расположенија. Сепак, ме прашаа пред да ми одговорат:
-Што ти падна на ум сега да бараш од нас такво нешто за неа?
Имав подготвен одговор:
-Не знам зошто се сетив баш сега, зошто не сум се сетил порано, но ми е интересно дали можете. Затоа што вашиот меѓусебен однос секогаш почнува и завршува со очигледни знаци и однесувања на како од вчера вљубени. А сакам да слушнам ваш опис на љубовта во два-три збора откога заклучив дека на младите вљубени денес тоа им е сè потешко, па од нив читам и слушам секакви тиради…Нема ден да не се објавува во светот и кај нас по којзнае колку љубовни романи…На телевизиите глаголат ли глаголат за љубовта, лаички и стручно од какви сè не аспекти…
Ме прекина Благој Каменоски:
-За тоа си сосем во право…Да му се смачи на човек…Опис на љубовта во два-три збора? Ништо полесно! Можам со мисла на некој мудар човек во минатото и денес, ама ај со моја. Сеедно немудра или премудра.
Па со весела насмевка:
-Љубовта се раѓа сама од себе и живее во човекот додека е жив.
Ништо не реков, ниту дореков или одреков, ниту коментирав, туку ѝ се обратив на Бисера Каменоска:
-Бисера, ќе слушнам ли и од тебе за љубовта во два-три збора?
Ми одговори исто така со весела насмевка:
-Нема проблем. Благој погреши, проба да биде умен, а не да ти ја опише…Јас вака би ја опишала нашата…Нечија друга не би се ни осмелила:
Таа е како жар во домашно огниште кој ту тлее ту се распламтува, а како течат годините сè повеќе ни ги грее душите и срцата.
И додаде прашање гледајќи го под око Благој:
-Задоволен си? Можам уште, ама мислам дека е доста во два-три збора.
Ме изненадија со заедничко барање:
-Ај сега ти. Само во два-три збора.
Разговорот како да се престори во весела игра. Се разбира, пробав и веднаш се разочарав од неуспехот:
-На љубовта не ѝ требаат зборови за опишување. Доколку е за живот или се живее.
Се фативме тројцата со раширени раце, јас меѓу нив, и потрчавме кон Фонтаната на желбите со разнобоен водопад среде. Заедно се фотографиравме со неа во заднина.
ДРЕБНАВОСТИ НА ДРЕБНАВ ЧОВЕК, наративна поезија, 14




