Курт Вонегат

Потребно време за читање: 3 минути

Колку е лесно да се напише роман за маргиналноста на животот!

Доволно е само да се следи неговиот „динамизам“, да се одживее неговата минливост, да се надживее неговата празнотија, да се осознаат суштината на егзистенцијата и сопствениот идентитет, и над се да се одбрани рамнодушноста пред „драматичноста“ на настанот.

Уште? Уште да се анализира, да се разбере и раскаже сопствената „божемна автобиографија“.

Лесно?

И ова: да не си постоел, а да се викаш Рабо Карабекјан, Ерменец, промашен сликар со писателски антиталент, со дела чии бои се топат од „апстрактната експресионистичка школа на сликање“.

А мора и ова: да се прочита романот на Курт Вонегат „Синобрадиот“, што дури може да ја предизвика личната амбиција да се напише ист или сличен на него. Се разбира, како однапред промашена, макар достасана цел.

Курт Вонегат на читателот му го нуди својот роман како потврда дека може да се живее слободно и во свет во кој никој не води сметка за друг, а уште помалку за себе. Затоа што во таков свет слободата на живеењето е всушност личната слобода. Не како обид да се преживее, да се опстане во него, туку да се оствари и одбрани сопствената идентификација и сатисфакција за постоењето во времето. Притоа, ведрата страна на животот е постојано отворена за да се прочита докрај, во ниеден момент да не се испушти од раце, за „божемната автобиографија“ да не стане дел од сеопштата стварност.

Рабо Карабекјан е мошне интересна личност: со едно око, вдовец, сликар, боем, опкружена со луѓе исти или слични на него: промашени сликари, промашени писатели, безделници, луѓе со лузни од војната, со рани во душата, со свои трагични судбини, луѓе дезилузионисти.

Најголемата тајна на „Синобрадиот“ е скриена во еден амбар за компири, заклучен со многу катинари, што ја отклучува на крајот, откако од неговиот живот, од неговото маргинално постоење во светот на лажните вредности ќе замине и последната личност што насилно влегла во неговиот дом и се обидува да ја совлада баналноста, да ја победи рамнодушноста, но и самата стопувајќи се во неа. На заминот на Г-ѓата Сирс Берман тој го отклучува амбарот и и го покажува своето животно дело- огромното платно со безброј ликови во униформи, од Јапонци до Маорци, наречено „Сега им е редот на жените“!

Важна улога во оваа маргиналност на животот играат уште и учителот на Рабо, Ден Грегори, неговата асистентка Мерили Кемп, потоа „компањоните“-Ерменци, неговите ликовни „соборци“ Пол Слезинџер, Тери Кичен, Фред Џонс, Џексон Полок и др.

Со своите книжевни стојности и романескна структура, романот на Курт Вонегат „Синобрадиот“ предизвикува и инсистира да се прочита во еден здив.

Курт Вонегат (Kurt Vonnegut), 1922-2007, е американски писател, сатиричар и уметник. Неговите родители имаат германско-американско потекло. Пред да ѝ се придружи на американската војска и да учествува во Втората светска војна, работи како хемичар. Станува воен ветеран и поседува „Пурпурно срце“ (воен медал кој го доделува Претседателот на САД за воени заслуги).

По војната се запишува на универзитетот во Чикаго и дипломира на катедрата по антропологија, а откако дипломира заминува во Њујорк, каде што работи во Службата за односи со јавноста за Џенерал Електрик.

Курт Вонегат е хуманист и почесен претседател на Американската Хуманистичка Асоцијација.

Неговиот прв расказ „Извештај за ефектот на шталата“ (Report On the Barnhouse Effect) се појавува во 1950. година, а првиот роман „Свирачко пијано“ (Player Piano) (1952) се смета дека е напишан под влијание на неговата кариера во Џенерал Електрик- обработува дисутописка фантастична тема каде што работниците се заменети од машини. Продолжува да пишува SF кратки раскази се до неговиот втор роман „Сирените на Титан“ (The Sirens of Titan) (1959). Во романот „Кланица пет“ експериментира со структурата, користејќи патување низ времето како основа. Продолжува и во „Појадок на шампионите“ (Breakfast of Champions) (1973), во кој се вклучени многу сурови илустрации, а во него се појавување самиот тој.

Мајката на Курт Вонегат извршила самоубиство кога тој бил во раните 20- ти, а самиот се обидел во 1985. (потоа напишал неколку есеи на таа тема).

Како графичар започнува со делото „Кланица пет“, а уште потемелно во „Појадок на шампионите“-илустрации направени со маркер-фломастер и помалку груби слики. Во 90-тите на 20. век губи интерес за пишување и пофокусирано и се посветува на ликовната уметност.

Дела:

Романи: „Свирачко пијано“, „Сирените на Титан“, „Мајката ноќ“, „Мачешка лулка“, „Господ да те благослови Г-дин Роузвотер“, „Кланица пет“, „Појадок на шампионите“, „Синобрадиот“ и др.

Објавил и 3 збирки раскази, 5 поголеми есеи, 5 драми и 7 филмски адаптации.

Leave the first comment